Новиот коронавирус не покажува знаци на повлекување, за што сведочат новите случаи на инфицирани во неколку европски земји, и покрај напорите на властите да го запрат ширењето на вирусот.
Здравствените работници пријавија повеќе нови случаи во неколку европски земји, вклучително и во Италија, каде што вкупниот број заразени лица се искачи на 1.128, а 29 лица починаа.
Луксембург е последна во низата европски земји што го потврди првиот случај на новиот коронавирус. Станува збор за шетириесетгодишник кој пристигнал дома од Италија преку белгискиот аеродром Шарлерои, објави министерката за здравство на Луксембург, Паулет Ленерт, додавајќи дека пациентот добро закрепнува.
Германскиот институт Роберт Кох објави дека бројот на новозаразени лица во Германија двојно се зголемил од 66 на 117 случаи. И Финска објави петти случај на инфекција со коронавирус. Новозаразените се еден студент и еден пензиониран. И двајцата биле во близок контакт со заразена жена која дошла од Италија.Досега се регистрирани 13 случаи во Шведска, 15 во Норвешка и 3 во Данска.
Бројот на новозаразени се зголемува и покрај тоа што властите одложија или откажаа бројни случувања и настани во Европа, како што се саемот за автомобили во Женева, саемот за туризам во Берлин, саемот за мебел во Милано и Светскиот конгрес за мобилни телекомуникации, којшто требаше да се одржи во Барселона.
Досега се пријавени 87.565 заразени со коронавирус во 64 земји низ светот, а 2.990 луѓе починале како резултат на инфекцијата, пренесува Франс прес, повикувајќи се на официјални податоци.