Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Вашингтон се сретна со првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, на разговори за идните трговски односи меѓу САД и Европската унија.
– Ние сме партнери, сојузници, а не непријатели, и треба да работиме заедно, изјави Јункер пред средбата, алудирајќи на бројните изјави на Трамп насочени против ЕУ.
Американскиот претседател возврати дека неговите минимални очекувања се дека ќе се воспостават взаемно прифатливи трговски односи.
Трамп претходно се закани со воведување царини за увозните автомобили, на што ЕУ возврати со закана дека ќе оцарини американски производи вредни 20 милијарди долари.
Во пресрет на средбата, Трамп преку Твитер се заложи за целосно укинување на давачките на сите производи во трговијата меѓу САД и ЕУ, како начин да се избегне трговска војна.
Освен индустриските производи, САД бараат пристап до заштитениот европски пазар на земјоделски производи, каде ЕУ го ограничува пристапот со разни регулативи и здравствени стандарди.