Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) во изминатите денови регистрираше неколку сериозни жаришта на птичји грип во Европа и Азија, што укажува дека вирусот повторно почна брзо да се шири.
Со појавата на птичјиот грип расте и загриженост во живинарската индустрија, бидејќи десетици милиони живина беа уништени за време на претходните епидемии. Дополнително, епидемиолозите се загрижени бидејќи овој вирус може да се пренесе на луѓето.
Досега оваа година Кина пријави 21 инфекција со подтипот на птичји грип „Х5Н6“ кај луѓето, што е повеќе отколку во 2020 година, јави „Си-ен-ен“.
Јужна Кореја пријави појава на болеста на фарма со околу 770.000 живина во провинцијата Чунгчеонгбук-до, соопшти ОИЕ. Поради тоа сите животни беа заклани.
Во Јапонија, првата епидемија на птичји грип во зимската сезона годинава, е забележана на живинарска фарма во североисточниот дел на земјата.