Германскиот Бундесрат го одобри продолжувањето на т.н. Западнобалканско правило, според кое граѓаните од регионoт може да доаѓаат во Германија на работа.
Граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, без оглед на нивните формални квалификации, може да дојдат во Германија на работа до 2023 година, пишува „Дојче веле“ (ДВ).
Западнобалканското правило, кое истекуваше на крајот на годинава, сега е продолжено за две години, но добива ограничување во делот на бројот на лицата кои на овој начин може да влезат и работат во Германија, така што годишната квота изнесува 25.000 луѓе.
Германската влада оценува дека постои голема побарувачка на работна сила од Западен Балкан, особено во градежната индустрија.