Иран соопшти дека ќе продолжи да испраќа нафта во Венецуела, ако Каракас побара уште залихи, наспроти критиките од САД во врска со трговијата помеѓу двете држави кои се под американски санкции, пренесува „Ал Џезира“.
– Иран ги практикува правата за слободна трговија со Венецуела и подготвени сме да испратиме уште бродови ако Каракас побара дополнителни залихи од Иран – истакна портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Абас Мусави, на прес-конференција.
Првиот од петте ирански танкери пристигна во Венецуела минатата недела со цел да пружи олеснување во кризата со недостиг на гориво која ја зафати јужноамериканската држава. Вашингтон во намерата да ги спречи идните испораки од Иран кон Венецуела, упати предупредување до странските влади, пристаништа и снабдувачи дека би можеле да се соочат со одредени мерки доколку им помогнат на иранските танкери.
Иран, сепак, испрати пет танкери, пркосејќи им на заканите на САД. Два од танкерите веќе се враќаат назад откако ја доставиле нафтата, додека властите во Каракас ги подготвуваат бензинските пумпи за зголемување на цената на горивото.
– Овој потег е значителен. На тој начин се испраќа порака дека американската хегемонија е во пад и оти државите од Југот треба да ги зацврстат односите, заобиколувајќи ги заканите и санкциите наметнати од Вашингтон, преку создавање на стратешки врски – вели Алиреза Мераби, политички аналитичар од Техеран.
Иранските танкери наводно пренеле 1,53 милиони барели гориво во Венецуела.