Според студијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Светската здравствена организација на ООН (СЗО), стотици илјадници работници во светот се жртви на прекувремената работа, а пандемијата може дополнително да го влоши овој негативен тренд и да го забрза процесот на губење на здравјето на луѓето, како резултат на долгото работно време што го наметна здравствената криза
Истражување на Меѓународната организација на трудот (МОТ)
Предолгото работно време е смртоносно за стотици илјади работници годишно во светот, а овој негативен тренд може дополнително да се влоши и забрза со пандемијата на коронавирусот. Ова, меѓу другото, се наведува во студијата публикувана неодамна од Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Светската здравствена организација (СЗО), која покажува дека според процените, само за една година во светот починале околу 745.000 луѓе од мозочен удар или срцеви заболувања како резултат на прекувремена работа.
Иако истражувањето е направено во претпандемискиот период, експертите со кои е извршено советувањето во анализата тврдат дека за време на здравствената светска криза бројот на одработени работни часови се зголемил за десет проценти, а тоа преставува поголем ризик по здравјето на луѓето што работат прекувремено, во споредба со оние што работат помеѓу 35 и 40 часа неделно.
– Во многу бранши работата од дома стана правило, но при неа често се топат границите меѓу работењето и слободното време – објаснува директорот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејсус. Истовремено, голем број фирми се принудени на штедење, а ангажираните луѓе мораат да работат подолго, вели Гебрејсус. Но тој порачува дека ниедна работа не вреди толку за човек поради неа да ризикува мозочен удар или срцево заболување. Владите, работодавците и работниците мораат да се договорат околу границите на работење заради заштита на вработените.
Долгото работно време смртоносно за работниците?
Во меѓувреме студијата, која се фокусира на претпандемиските години, употребува податоци од десетици студии во кои биле вклучени стотици илјади учесници.
– Работата од 55 или повеќе часа неделно е сериозна опасност по здравјето – изјави Марија Неира, директор на Одделот за животна средина, климатски промени и здравство на СЗО. Според неа, време е сите ние и владите, работодавците и вработените да се разбудиме од фактот дека долгото работно време може да доведе до прерана смрт.
Во извештајот на СЗО и на МОТ се заклучува дека работењето 55 часа неделно или повеќе е поврзано со зголемен проценет од 35 отсто ризик од мозочен удар и за 17 проценти пораст на ризикот од смрт од исхемична срцева болест, во споредба со работата од 35 до 40 часа.
Инаку, студијата е спроведена во 194 земји во светот од СЗО и од МОТ и сугерира дека мнозинството жртви, дури 72 проценти, се средовечни или постари мажи.
Истражувањето, исто така, укажува на тоа дека жителите на Југоисточна Азија и Западен Пацифик, кои ги опфаќаат Кина, Јапонија и Австралија, се најмногу погодени од овој проблем.
Ограничување на работните часови решение на проблемот
Во исто време, официјалните лица на СЗО сметаат дека почестата работа од дома и забавувањето на глобалната економија, како резултат на коронавирусот, може да го зголеми ризикот од влошување на здравјето на работниците.
– Пандемијата го забрза негативниот развој на настаните, што може да го поттикне трендот на продолжување на работното време – стои во извештајот на СЗО, според кој, денес најмалку девет проценти од луѓето низ светот имаат премногу долго работно време. Ограничувањето на бројот на работни часови би било корисно за работодавците, бидејќи се покажало дека ваквиот потег ја зголемува продуктивноста на работникот, изјави техничкиот службеник на СЗО, Френк Пега, кој напомена дека во време на економска криза, паметно е да не се зголемува работното време. Токму во тој контекст, СЗО најави дека, земајќи ги предвид податоците од оваа студија, ќе се обиде да ги подобри своите работни регулативи.
Инаку, студијата на Светската здравствена организација на ООН (СЗО) и на Меѓународната организација на трудот (МОТ) е објавена оваа недела во списанието „Енвајрмент интернешнл“ и претставува прва глобална процена на ризиците врз животот и здравјето, поврзани со долгото работно време.