Поранешниот претседател на автомобилската компанија „Нисан“, Карлос Гон (65), е подготвен да ја раскаже неговата приказна, во јавно обраќање во Бејрут предвидено за денеска, негово прво по бегството од Јапонија минатата недела, пренесуваат светските медиуми.
Гон беше уапсен во Токио пред повеќе од една година и чекаше судење под обвиненијата за финансиски малверзации, вклучувајќи ги обвинувањата за пријавување на помал приход и префрлил пет милиони долари од парите на „Нисан“ во автосалон што тој го контролирал.
Некогашниот крал на автомобилската индустрија упорно ги негираше ваквите обвинувања, објавувајќи кратко соопштение по доаѓањето во Либан, во кое го критикува „наместениот“ судски систем на Јапонија. Се очекува да упати уште критики кон јапонското правосудство во неговото јавно обраќање и да соопшти детали за наводниот заговор за негово оттрнување од автомобилската империја што ја создаде помеѓу „Нисан“, „Рено“ и „Мицубиши“. „Нисан“ одби да ги коментира ваквите тврдења наведувајќи дека уште презема правни мерки против Гон.
Властите во Либан пак, истакнаа дека Гон влегол легално во државата. Бизнисменот е државјанин на Франција, Бразил и на Либан. Три пасоши на Гон беа одземени од јапонските власти за да го спречат негово бегство. Но адвокатот на бизнисменот откри дека неговиот клиент имал втор француски пасош. Јапонските власти издадоа налог за апсење и на сопругата на Гон, Керол, која наводно, исто така е во Либан.