Првата дама на африканското кралство Лесото, Маесаја Табане, е обвинета за убиството на претходната сопруга на премиерот Томас Табане, наоѓајќи се во средиштето на крвавиот случај заедно со полицаецот Холомо Малибели, пренесува Си-ен-ен.
Липолело Табане, втората жена на 80-годишниот премиер на Лесото, беше убиена со истрел во главата од непознат напаѓач во 2017 година, само два дена пред неговата инаугурација за вториот мандат. Според блиски пријатели на убиената Липолело, таа била тивка и мирна сопруга која се грижела за четирите деца од бракот со неговата прва жена, и била во добри односи со целото семејство на премиерот. Во истрагата за нејзиното убиство полицијата осомничи четири лица.
Маесаја Табане вчера беше изведена пред суд, а ќе биде ставена во притовр додека се подготват обвиненијата против неа, пренесуваат јавните обвинители од земјата. Таа исто така е обвинета за обид за убиство на жената која ја придружувала Липолело истата вечер кога била застрелана. Полицијата ја стави Маесаја на листата на главни осомничени откако таа не се појави на сведочење пред судот, во јануари годинава. Од неа уште не е побарано да се изјасни за обвиненијата, а исто така одобрена ѝ е кауција.
Премиерот Табане, поради политичкиот притисок на неговата владејачка партија најави дека ќе даде оставка од функцијата, но не е познато кога ќе го стори тоа. Пред убиството, премиерот и неговата втора сопруга Липолело биле во бракоразводна постапка. Тој се преженил со Маесаја три месеци по смртта на Липолело. Но, Табане како причина за неговата оставка ја навел староста, а не наводната поврзаност со убиството на неговата претходна сопруга.
Полицаецот што работеше на истрагата, Холомо Малибели, ги стави првата дама и премиерот во центарот на случајот кој може да го предизвика нивниот пад. Но, тој откри дека премиерот истовремено работел на неговото отпуштање од полицијата. Според документ доставен до судот, Малибели му испратил писмо на премиерот во декември минатата година, во кое пишувало „истрагата за убиството откри телефонска комуникација од местото на злосторството со друг мобилен телефон. Бројот на тој мобилен телефон ви припаѓа вам.“ Полицаецот го опиша случајот како едно од најсложените и најопасни убиства на кои работел досега, а исто така откри дека поради тоа добил и закани по неговиот живот. В.Т.