Девин Блејк Ленгфорд, американско момче кое го преживеа грозоморниот напад кој го потресе светот, а за кој се чини дека е извршен од мексикански нарко-картел, успеало да скрие шест браќа и сестри во грмушки, а потоа одело 23 километри за да повика помош.
Во масакрот кој се случи во понеделникот на локален пат во мексиканската држава Сонора, на границата со САД, убиено е деветчлено американско мормонско семејство, три мајки и шест деца, во заседа на убијци од нарко-картел.
Осум деца, од кои некои се бебиња, го преживеале нападот во кој беа убиени нивните мајки, но поминаа низ пекол криејќи се со часови во грмушки, додека некои од нив пешачеле со километри барајќи помош, пренесе агенцијата АП.
Откако видел дека неговата мајка и брат загинале, Девин ги скрил своите шест браќа и сестри во грмушка и ги покрил со гранчиња за да бидат безбедни додека тој бара помош. Бидејќи не се вратил долго време, неговата деветгодишна сестра го напуштила засолништато за да се обиде да стигне до селото, открила нивната братучетка, Кендра Милер.
Девојчето Мекензи Рајн Ленгфорд, со часови талкало низ мракот, сè додека не била пронајдена по неколку часа откако другите деца биле спасени. Децата биле сами повеќе од шест часа. Од снимките на разговорите меѓу спасувачите, може да се слушне дека се водела дебата за тешката одлука дали да се ризикуваат уште животи или да се чека пристигнувањето на мексиканската армија.
Напаѓачите стрелале во три возила во кои се наоѓале жртвите инаку жители на северниот дел од Мексико. Едно од возилата било целосно опожарено. Нападот го преживеале осум деца, но она што го доживеале во оддалечените планински области на мексиканската држава Сонора е скоро неописливо, пишува АП.
Пет деца биле повредени толку лошо што мексиканските власти ги пренеле преку границата со воен хеликоптер за да добијат лекарска помош во САД. Трите други деца кои не се повредени, беа сместени кај членовите на семејството во селото Ла Мора.
Мексиканските власти соопштија дека тие најверојатно биле жртви на заменет идентитет и дека напаѓачите веројатно сметале оти големото теренско возило припаѓа на ривалската банда. Повеќето жители на селото Ла Мора имаат двојно државјанство, американско и мексиканско и себеси се декларираат како мормони иако официјално не се поврзани со ниту една црква. Нивните предци кои биле припадници на одметната мормонска црква се населиле на северот од Мексико пред повеќе децении.