Зинѕи Мандела, ќерка на јужноафриканските борци против апартхејдот Нелсон и Вини Мандела, почина на 59-годишна возраст.
Ќерката на славниот револуционерен водач и државник, со чии напори е ставен крај на режимот на апартхејдот во Јужна Африка, почина во болница во Јоханесбург, јави државната телевизија на Јужноафриканската Република.
Таа беше амбасадор на Јужна Африка во Данска.
Зинѕи стана позната во меѓународната јавност во 1985 година, кога Мандела ја одби владината понуда да ги осуди воените активности на Африканскиот национален конгрес, кој се бореше против апартхејдот, бруталната расна дискриминација и угнетување на црнците во Јужна Африка, за да биде пуштен од затвор.
На протестот, што се емитуваше ширум светот, Зинѕи Мандела го прочита неговото писмо во кое ја одби понудата на тогашната бела влада.