Измачените од војни Ирачани стравуваат од нов конфликт поради присутниот ризик за напади од страна на САД и Израел врз иранските милиции на нивната територија, пишува „Форин полиси“.
Како што растат тензиите се зголемуваат стравувањата оти Багдад би можел да биде „фатен во средина“ во уште еден конфликт, во време кога Ирак се обидува да се опорави од последиците од воените судири во изминатите 16 години. Во азиската држава се наоѓаат повеќе од пет илјади американски војници, како и моќни милиции поддржувани од Иран.
Паравоените сили од кои голем дел се поврзани со Иран, помогнаа во протерувањето на Исламска држава од Ирак во 2017 година. Оттогаш ирачкиот премиер Адил Абдул-Махди, под притисок од Вашингтон, се обидува да ги интегрира милициите во ирачките вооружени сили во надеж дека тоа ќе помогне за стабилизација на државата.
Но Израел сега делува подготвен да спроведе воени операции во Ирак, за првпат по бомбардирањето на нуклеарниот реактор на Садам Хусеин во 1981 година, откако се забележуваат знаци дека ескалира конфликтот со Иран. А САД под водство на претседателот Доналд Трамп се чини дека заземаа поцврст став кон Иран, сигнализирајќи дека ја поддржува пошироката израелска кампања против елементите поддржани од Иран во Ирак, Сирија и во Либан. Израел спроведе низа напади низ Средниот Исток во изминатите неколку недели, со цел да го спречи снабдувањето на арапските сојузници од страна на Иран со оружје, според информациите во американските медиуми.
Ирак би можел да биде боиште во уште една „војна преку посредници“ (се води помеѓу две страни поради интересите, или со поддршка на трета страна, која не е директно вклучена во конфликтот – н.з.), што не е новост за оваа држава. Земјата со шиитско мнозинство се наоѓа помеѓу шиитскиот Иран и арапскиот свет во кој преовладува сунитското население, со што претставува бојно поле за иранско-саудиското ривалство за превласт во регионот.
– Постои расположение во ирачката јавност, како и одреден страв за странско вмешување, било да е американско или иранско. Мислам дека е важно за американската власт внимателно да ја следи расправата во ирачката јавност и да не ја потцени нејзината важност за ирачкиот суверенитет – вели Ина Рудолф од центарот за проучување на радикализација на Кралскиот колеџ во Лондон.
За време на осумгодишното воено присуство на САД во Ирак помеѓу 2003 и 2011 година, американските трупи имаа судири со милициите поддржани од Иран. Американските сили се вратија во Ирак на покана на тамошните власти за да се борат против Исламската држава во 2014 година. Сега, наспроти конфликтот помеѓу САД и Иран, Ирак повторно би можел да биде фатен во средина на нова пресметка.
– На ирачкиот народ му е смачено од војна. Не сакаме Ирак да биде арена за иранско-американската војна – вели еден жител на Багдад, кој како и повеќето Ирачани е загрижен дека државата би можела да биде втурната во уште една војна.