Исламска држава во обид да спречи пораз во Багуз, последен дел од територијата што е под нејзина контрола, користи бомбаши-самоубијци и автомобили-бомби.
Освојувањето на Багуз, село во источниот дел на Сирија, ќе биде пресвртница во меѓународните напори да се поразат џихадистите, чиј самопрогласен калифат на врвот на моќта во 2014 година, држеше речиси една третина од Сирија и Ирак.
Меѓутоа, општо е прифатено дека оваа група, која оттогаш се наоѓа во повлекување и која претрпе најголем пораз во 2017 година, останува закана за безбедноста, како бунтовничка сила со ќелии на „спијачи” и со некои изолирани „џебови” на територијата.
Сириските демократски сили, поддржани од САД, кои го напаѓаат Багуз, соопштија дека денеска ја очекуваат „решавачката битка”, откако постепено напредуваа 18 часа, за да ги избегнат мините, кои ги поставуваат од ИД, чии борци, исто така, користат подземни тунели за извршување на заседи и потоа исчезнуваат.
Меѓутоа, до пладне немаше знаци дека битката е завршена, а портпаролот на меѓународната коалиција предводена од САД Шон Рајан изјави дека темпото на напредување е забавено.
-Борци на ИД користат самоубиствени елеци и автомобили-бомби за да ја забават офанзивата на Сириските демократските сили и да се скријат од напади на коалицијата во областа Багуз. Тие продолжуваат да држат цивили и да ги поврзуваат тунелите – изјави Рајан.
Според проценките, неколку стотици борци на ИД се наоѓаат на територијата на Багуз, претежно странци, и нив коалицијата ги опиша како најтврди екстремисти.