Киргистанските сили кои се обидоа да го уапсат поранешниот претседател на земјата, Алмазбек Атамбаев, беа принудени да се повлечат откако рафали од куршуми беа испукани од неговите политички поддржувачи забарикадирани во неговиот дом, во близината на главниот град Бишкек, пренесува „Асошиејтед прес“.
Резиденцијата, која се наоѓа во селото Кои-Таш, јужно од Бишкек, беше бранета со оган од елитните сили кои синоќа се обидоа да го уапсат поранешниот претседател. Најмалку еден војник е убиен, а шесторица се земени како заложници. Десетици лица беа повредени во престрелката.
По неуспешните преговори и смртоносната престрелка, безбедносните сили биле принудени да се повлечат.
Шеесет и двегодишниот Атамбајев, кој беше претседател од 2011 до 2017 година, е обвинет за низа криминални дела, вклучувајќи корупција и незаконско купување земјиште, од страна на неговиот наследник и поранешен сојузник, Соронбеј Женбеков.
Овој случај е продолжување на низата инциденти во нестабилниот Киргистан, кој по осамостојувањето во 1991 година, трпи економски и етнички тензии кои го делат населението. Оттогаш до денес, двајца претседатели на Киргистан беа симнати од власт преку насилни бунтови, Аскар Акајев во „Револуцијата на лалињата“ во 2005 година и Курманбек Бакиев во 2010 година.
Откако Атамбаев го изгуби имунитетниот статус, тој во неколку наврати ги отфрли барањата на властите да биде испрашуван во врска со обвиненијата за корупција кои се товарат против него и одби да ги почитува барањата да се појави и да сведочи пред судот.