Од протестите на „жолтите елеци“, кои повеќе од два месеца ѝ задаваат главоболки на Владата во Париз, преку одлуката на Ангела Меркел да се повлече од лидерската позиција во ЦДУ, па до договорот за брегзит што го постигна со ЕУ владата на Тереза Меј, се тресат клучните земји во Европа, оценуваат експертите
Политичките земјотреси и натаму траат во клучните земји на Европа – Германија, Франција и Британија. Од протестите на „жолтите елеци“, кои повеќе од два месеца ѝ задаваат главоболки на Владата во Париз, преку одлуката на Ангела Меркел да се повлече од лидерската позиција во ЦДУ, па до договорот за брегзит што го постигна со ЕУ владата на Тереза Меј, се тресат клучните земји во Европа, оценуваат експертите.
Милан Игрутиновиќ од Институтот за европски студии наведува за „Спутник“ дека станува збор за тренд што почна пред неколку години, а брегзит беше еден од првите шокови.
– Една од неговите последици гледаме токму сега, две и пол години подоцна, и тоа без јасни сигнали дека сето тоа конечно ќе заврши. Теоретски, Британија може и да остане во ЕУ. За тоа постојат некакви шанси, иако не големи, но правна опција за тоа постои и може да се случи таков пресврт. Па, така, речиси сите карти се отворени, бидејќи по сѐ изгледа етаблираните партии во тие земји не одговориле доволно квалитетно или доволно стабилно на предизвиците во изминатите десетина години, почнувајќи од економската криза во 2008 година, па преку најразлични поситни локални, национални или паневропски предизвици – оценува Игрутиновиќ.
Меѓу предизвиците на кои владејачките структури во ЕУ не одговориле соодветно е мигрантската криза, но и внатрешните европски миграции, каде што луѓе се преселуваа во Западна Европа, па и во Британија, ги менуваа своите работни места, додека, пак, економиите ги менуваа своите облици и индустриската база сѐ повеќе се намалуваше.
– По сѐ изгледа овие две гранки на етаблираните партии, левиот и десниот центар, ги загубија своите капацитети да се справуваат со различните предизвици. Така, во Франција се случи Макрон, како малку познат министер во социјалистичката влада, набрзина да го формира тоа либерално или центристичко движење и некако успеа да победи на претседателските избори, и тоа можеби повеќе поради тоа што противкандидатка му беше Марин Ле Пен, отколку поради нешто друго – додава Игрутиновиќ.
Според него, во Германија ситуацијата е нешто постабилна, бидејќи сѐ уште нема фактички последици од сето тоа, но раширена е перцепцијата дека потресот што се случува таму е малку побавен но подолготраен отколку што беше случај во Франција или во Италија минатата година на изборите. Истовремено, Британија до одреден степен е поспецифична.
– Изгледа дека брегзит е пукање во нога, бидејќи гледаме крах на еден застоен политички систем, пад на лојалноста, бидејќи над сто пратеници на Конзервативната партија гласаа против својата премиерка, односно нејзиниот план, за кој со ЕУ преговараше повеќе од една година. Тоа навистина е историски настан, бидејќи таков пораз на Владата на гласање во парламентот на Британија не се случил во изминатите стотина година – вели Игрутиновиќ.
Од друга страна, стравот на британските конзервативци од тоа идната влада да ја води лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, е посилен од отпорот што го имаат кон премиерката Меј, што, пак, ѝ ја обезбеди нивната поддршка кога станува збор за гласањето недоверба на Владата и нејзиниот опстанок на сегашната функција.
По сѐ изгледа, според експертите, старите партиски структури во овие земји не се снаоѓаат најдобро во еден повеќефакторски кризен момент во Европа. На прашањето дали овие проблеми, кои ги погодија лидерите на Франција, Германија и Британија, ќе имаат влијание на изгледот на Европа, но и на наредните избори за Европскиот парламент, Игрутиновиќ оценува дека може да се очекува слабеење на трите досегашни главни групации – народните партии, партии на европските социјалисти и на либералите.
– Овие групации практично беа столбови на европскиот поредок, и тоа веројатно ќе остане и во овој изборен циклус, но ќе бидат релативно ослабени и со помалку пратеници отколку досега. Ќе биде интересно да се видат позиционирањето и регрупирањето на најразличните десни групации во Европа. Тие најверојатно ќе остварат нешто подобар резултат, но прашање е дали ќе можат да го претворат тоа во поголема коалиција или ефективна групација што може да дејствува синхронизирано во Европскиот парламент – додава Игрутиновиќ за „Спутник“.
Тој наведува дека ефектите најмногу зависат од дебатите што ќе следуваат напролет и кои теми ќе бидат најатрактивни – миграцијата, идентитетот, еврозоната, социјалните права, квалитетот на живот и перспективите за младите.
– Значи, ќе видиме кои теми ќе доминираат и врз основа на тоа можеби ќе дадеме попрецизна оцена на кои точки ќе се водат овие избори, кои ќе ја дефинираат политиката на Европа за следниот петгодишен период – заклучува Игрутиновиќ.