Европската унија го поддржува предлогот на францускиот претседател, Емануел Макрон, прашањето за пожарот во Амазонија да се постави на агендата на самитот на Г7 што ќе се одржи во Франција за време на викендот.
– Нашата куќа гори. Буквално гори Амазонија, белите дробови на нашата планета, кои произведуваат 20 отсто од достапниот кислород на планетата. Тоа е меѓународна криза. Членови на Г7, ќе се видиме за два дена и ќе разговараме за ова прашање – напиша Макрон на Твитер.
Портпаролот на Европската комисија, Мина Андреева, денеска изјави дека Комисијата е длабоко загрижена, додавајќи дека Амазонија е најголемата дождовна шума во светот каде што живее една десетина од вкупниот животински и растителен свет на нашата планета.
– Европската комисија ја поздравува иницијативата на Макрон – рече Андреева, укажувајќи на потребата за итна акција.
Европската унија е подготвена да помогне и да го остапи својот сателитски систем за Бразил и Боливија, пренесе агенцијата АП.