Ирските банки ќе претрпат огромна штета доколку се случи тежок брегзит. Откако конзервативецот Борис Џонсон стана британски премиер, индексот на „Банката на Ирска“ опадна за 24 отсто, која е една од четирите најголеми банки во државата. Друга банка од големата ирска четворка, банката „АИБ“, забележа пад од 36 отсто поради што покажува најслаб учинок на индексот на европски банки од крајот на јуни додека заканата од брегзит без договор ги зголемува другите предизвици со кои ќе се соочат кредиторите.
Емон Хјуз, аналитичар од Даблин, вели дека пред неколку месеци се коментирало дека Ирска ќе има корист од брегзит, но актуелните настани покажуваат дека тој само ќе ѝ нанесе штета.
Покрај огромните превирања околу брегзит, ирскиот министер за финансии Паскал Донахју следната недела ќе оди во посета на Лондон за да се сретне со инвеститорите во банките и јавниот долг. Банките особено ќе бидат изложени на ризик кога Обединетото Кралство ќе излезе од ЕУ. Донахју порача дека 80.000 работни места во Ирска ќе бидат загрозени ако се случи тежок брегзит.
Тешката иднина веќе е видлива од заработката во првата половина. Оперативниот профит на „АИБ“ се намалил за 43 отсто во споредба со претходната година во услови на намалена провизија и високи трошоци. Главниот извршен директор на банката предупреди дека геополитичката средина „станала особено тешка“. „Банката на Ирска“ им соопшти на инвеститорите дека нето-каматните провизии ќе се намалуваат во наредните две години. Пониските каматни стапки и несигурниот брегзит ќе го отежнат постигнувањето на целите во приходите и кредитите.
Ваквиот пад во заработувачката на банките претставува закана по владата да го врати заемот од околу 30 милиони евра како помош за банките за време на финансиската криза.
Подготвила: Билјана Здравковска