Судирот меѓу институциите на Европската Унија и некои од членките околу владеењето на правото, како што се Полска и Унгарија, станува пожесток во последниве месеци. Различните напори на Брисел, со користење правни дејства до закани за прекин на финансирањето, не дадоа резултат во промена на курсот во Варшава или Будимпешта. Наместо тоа, јазот меѓу двете земји-членки и политичката централа на ЕУ во врска со почитувањето на европските вредности станува уште поширок. Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан се соочи со широка осуда на носењето закони што ги ограничуваат правата на ЛГБТ-заедницата, додека полските власти практично изјавија дека не го „прифаќаат“ европското право. Порталот „Политико“ анализира пет можни начини за завршување на демократската криза во Европската Унија.
1. Унгарија и Полска се враќаат
Првата опција е доколку Брисел го засили притисокот или воведе значителни финансиски санкции, тоа би можело да ги натера Варшава и Будимпешта да се повлечат од некои од нивните контроверзни политики. Европската комисија веќе го одложи одобрувањето на постпандемиските економски планови на Полска и Унгарија, со препораки дека тие ќе треба да донесат некои отстапки за да добијат пристап до европските фондови за обнова, со вредност од неколку милијарди евра.
– Очигледно е дека една од причините зошто Комисијата ја одложува оваа одлука е владеењето на правото. Комисијата нема да го каже тоа јавно, но го користи одобрувањето на овој план како начин да изврши притисок врз Полска да направи промени во својата политика за владеење на правото – рече Јакуб Јарачевски, координатор за истражување во „Демократија репортинг интернешнл“, невладина организација со седиште во Берлин.
Наспроти ова, доколку Полска одбие да ги почитува пресудите на Судот на правдата на ЕУ, може да се соочи со значителни парични казни.
Јарачевски проценува дека поумерениот дел од владејачката коалиција, во која е вклучен и премиерот Матеуш Моравиецки, можеби нема да биде подготвен да ги загуби парите и да се соочи со крајниот судир со Комисијата. Постои можност Владата да го смени барем својот став за дисциплинска комора за судии, што сега е главна тема на внатрешна политичка дебата.
2. Нови газди во Будимпешта и во Варшава
Намалување на тензиите на релацијата Брисел – Варшава/Будимпешта е можно доколку владејачките партии во Полска и во Унгарија ја загубат моќта на изборите во наредните години. Унгарците треба да излезат на избори пролетта 2022 година, додека Полска се очекува да одржи парламентарни избори во 2023 година. Владејачката партија Фидес во Унгарија и партијата Право и правда (ПиС) во Полска се соочуваат со опозициските сили, кои во голема мера се про-ЕУ и кои ветуваат дека ќе се вратат на почитување на демократските норми доколку бидат избрани.
– Најважната линија на поделба и во Полска и во Унгарија е односот кон Брисел и Европската Унија – вели Петер Креко, извршен директор на Институтот за политички капитал со седиште во Будимпешта. Ако победат опозициските сили, новите влади „дефинитивно“ ќе преземат „чекори за повторно воспоставување на независноста на институциите“, додава тој.
Во Унгарија, коалиција од шест разновидни политички опции ќе се обиде да го победи Орбан. Во Полска, опозицијата штотуку доби силно раководство со враќањето на поранешниот претседател на Европскиот совет и поранешен премиер Доналд Туск.
Во меѓувреме, контроверзните судски реформи во Полска и внатрешните поделби создадоа тензии во владејачката коалиција, правејќи го сојузот разнишан, а со тоа ја зголемија можноста за предвремени избори.
3. Продолжуваат споровите
ЕУ би можела да остане затворена во повторените спорови со Будимпешта и со Варшава. Многу застапници на демократијата се надеваат на нов механизам што ќе ѝ овозможи на ЕУ да го намали финансирањето на земјите-членки поради прекршување на владеењето на правото. Но останува нејасно како ќе се имплементира инструментот – и дали може да изврши доволен притисок врз владите во Унгарија и во Полска да направат фундаментални промени во нивното досегашно однесување.
Европскиот европратеник од зелените, Гвендолин Делбос-Корфилд, известувач на Европскиот парламент за ситуацијата во Унгарија, се залага за претстојното француско претседателство со Советот на ЕУ да ги спроведе „препораките“ за Унгарија, кои се однесуваат на примена на постапката предвидена со регулативата на ЕУ, која дозволува четири петтини од земјите-членки да издадат предупредување до друг член поради загриженост за владеење на правото пред да продолжат со санкциите.
– Мислам дека тоа ќе биде голем чекор. Но тоа нема да го промени секојдневниот живот на унгарскиот народ. Овие препораки уште повеќе ќе го изолираат Орбан – изјави Делбос-Корфилд.
Во Полска, постојат стравувања во редовите на опозицијата дека Варшава ќе предложи измама за да се пробие ќор-сокакот со Брисел, што ќе реши некои проблеми на хартија, но не и во практика – и Европската комисија ќе го прифати во духот на компромис.
4. Полексит и Хексит
Теоретски, Полска и Унгарија би можеле да ја напуштат ЕУ или барем другите земји -членки да ги поттикнат политички двете земји кон излез. Истражувањата постојано покажуваат дека граѓаните на Унгарија и на Полска го поддржуваат членството во ЕУ. Само 39 проценти од Полјаците и 28 проценти од Унгарците веруваат дека нивните земји би можеле подобро да се соочат со иднината надвор од ЕУ, покажало истражувањето на „Евробарометар“ за 2020-2021 година. И двете влади имаа голема корист од фондовите на ЕУ. Одлуката за повлекување од блокот би била „политичко самоубиство“ за ПиС, смета Јарачевски од „Демократија репортинг интернешнл“.
Во Унгарија, членовите на владејачката партија изразија различни мислења за членството во ЕУ. Ласло Кавер, претседател на Унгарското национално собрание и еден од основачките членови на Фидес, рече дека ако сега се одржи референдум за членство во ЕУ, тој ќе гласа против влез во блокот. Министерот за финансии на Унгарија, Михали Варга, минатата недела во интервју рече дека ако се појави ова прашање во 2021 година, тој ќе гласа за членство.
– Но до крајот на деценијата, кога според нашите пресметки веќе ќе бидеме нето-плаќачи на ЕУ, прашањето може да добие нова перспектива – нагласи тој за телевизискиот канал АТВ,
Како главна опасност, за Бернадет Шел, независен опозициски пратеник во унгарскиот парламент, е „распаѓањето на ЕУ, како и популистичка политика што ја води Орбан, која води кон распаѓање на европската заедница“. Сепак, аналитичарите велат дека додека унгарското население е про-ЕУ и Орбан ги разбира придобивките од членството, поголемата евроскептичната реторика може да има непредвидливи последици.
5. Фидес и пријателите
Фидес и Право и правда би можеле да останат на власт, додека пријателските екстремно десничарски партии ќе добијат поголема моќ во големите земји на ЕУ, како што се Италија и Франција. Тоа ќе ја оддалечи Унијата од примената на демократијата и владеењето на правото.
Орбан и лидерот на ПиС, Јарослав Качински, инвестираа во изградба на добри односи со популистичките партии во блокот и тврдат дека ЕУ треба да биде првенствено економски проект – со помала политичка интеграција.
Две десни популистички партии се искачија високо на анкетите во Италија, секоја од нив постигна околу 20 проценти. Во моментов се предвидува дека Ле Пен ќе освои 44 проценти од гласовите во вториот круг со францускиот претседател Емануел Макрон, според анкетата на „Политико“.