Секретарот за одбрана вчера го одобри планот за трошоци со кој се пренасочуваат средства од над 100 воени градежни проекти со вкупен износ од 3,6 милијарди долари за изградба на ѕидот по границата со Мексико.
Планот за пренасочување пари за изградба на ѕидот по границата ќе опфати околу 127 тековни воени проекти, како што соопштува Пентагон. Не е познато кои проекти ќе бидат засегнати.
Контролорката од Пентагон Илејн Мекаскер порача дека тековните планови се „одложени“, а не откажани, но не постои гаранција дека Конгресот ќе гласа за да ги компензира средствата.
Во соопштението до Конгресот за претставување на планот за трошоци, секретарот за одбрана Марк Еспер „проценил дека 11 воени градежни проекти по меѓународната граница со Мексико со вкупна вредност од 3,6 милијарди долари се потребни за поддршка на вооружените сили во случај на вонредна состојба“.
Претседателот Трамп прогласи вонредна состојба во февруари за да може да го користи воениот буџет за изградба на ѕидот што го вети за време на претседателската кампања од 2016 година. Планот на Трамп да користи воен буџет за изградба на ѕидот предизвика жестока дебата меѓу републиканските поддржувачи и демократските противници, кои порачаа дека ваквиот план ќе ги „изеде“ воените проекти.
Сенаторот Чак Шумер изјави дека „ова буквално е шлаканица в лице за војската што ја брани државата, додека Трамп сака да го растури веќе изготвениот воен буџет за јакнење на неговото его и за ѕидот за чија изградба вети дека ќе ја плати Мексико“.
Подготвила: Билјана Здравковска