Распоредувањето на илјадници нови војници во регионот како одговор на иранските и проиранските напади претставува голем чекор назад за амбициите и намерите на претседателот Доналд Трамп за повлекување на САД од регионот во претстојната изборна година, оценува „Гардијан“
Американскиот секретар за одбрана Марк Еспер најави итно испраќање на 750 војници во регионот на Блиски Исток по опсадата на американската амбасада во Багдад. Покрај овие единици, околу 3.000 американски војници се подготвуваат да заминат во регионот, покрај 14.000 војници кои беа испратени од мај 2018 година. Проиранските милитанти ја прекинаа еднодневната опсада на американската амбасада во ирачката престолнина, но се очекува САД и Иран да ја интензивираат битката за влијание во Ирак, оценува „Гардијан“.
– Испраќањето војници е соодветна и претпазлива мерка како одговор на зголеменото ниво на закани против американскиот персонал и објекти, како што беше случајот со Багдад. САД ќе ги заштитат нашите луѓе и интереси без разлика каде се наоѓаат во светот – порача Еспер.
Иако Еспер не посочи каде ќе бидат испратени војниците, извори од Пентагон истакнуваат дека нивната првична дестинација ќе биде Кувајт. Претходно, шефот на американската дипломатија Мајк Помпео го одложи патувањето во Украина за да го следи развојот на ситуацијата во Ирак и „да ја осигури безбедноста на сите Американци на Блиски Исток“.
Нападот врз амбасадата во Багдад следуваше по американските воздушни напади во неделата, во кои беа убиени најмалку 25 борци на проиранската шиитска милиција Катаиб хезболах. САД, пак, соопштија дека воздушните напади беа одговор на убиството на американски работник и ранувањето на неколку војници во ракетирањето на ирачка воена база. Опсадата на амбасадата сигнализира на ново ниско ниво во односите помеѓу Ирак и САД, а истовремено беше „покажување на мускули“ од проиранските сили.
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран за нападите и се закани дека Техеран ќе плати висока цена за секој загубен американски живот или штета направена врз имот на САД. Распоредувањето на илјадници нови војници во регионот како одговор на иранските и проиранските напади претставува голем чекор назад за амбициите и намерите на Трамп за повлекување на САД од регионот во претстојната изборна година.