Најмалку девет лица се убиени, а петмина се повредени во оружен инцидент во германскиот град Ханау, во близина на Франкфурт. Полицијата соопшти дека напаѓачот е пронајден мртов во неговиот дом. Специјалните полициски сили пронајдоа уште еден труп во домот. Истрагата е во тек.

– Нема индикации дека биле вмешани и други осомничени. Еден од двајцата пронајдени мртви е многу веројатно сторител – соопшти полицијата на Твитер.

Непознатите напаѓачи пукале врз гости во два „шиша“ барови во  Ханау. Полицијата засега нема точна бројка на загинати и ранети, ниту објаснување за мотивот на нападот. Најпрво бил нападнат бар во центарот на градот, а напаѓачот или напаѓачите потоа пукале во уште еден бар во друга градска населба. Локалните медиуми јавуваат за масовно полициско присуство во градот кој го надлетуваат и хеликоптери.

Инцидентите се случија синоќа во 22 часот. Регионалниот портал „Форсрунг онлајн“ пренесува дека едно лице пукало кон минувачите од автомобил. Наводно, прво бил нападнат наргиле-барот „Миднајт“ во центарот на градот Ханау, каде што биле убиени три лица таму. Сторителот потоа се возел во Кеселштат и влегол во друг бар, „Арена Бар и Кафе“, каде што убил пет лица. Сведоци велат дека слушнале десетици истрели од огнено оружје.

Ханау е град со околу 100.000 жители, на 25 километри од Франкфурт.

Од полицијата претпоставуваат дека напаѓачот извршил самоубиство во својот дом откако побегнал во темен автомобил, но мотивот за нападот е нејасен. „Билд“ пишува дека мажот е германски државјанин – во неговиот автомобил биле пронајдени муниција и оружје, како и списанија, а тој имал лиценца за ловечко оружје.