Папата Франциск, завршувајќи ја својата посета на Мозамбик, ги критикува политичките и деловните лидери во сиромашната, но богата со ресурси источноафриканска земја, кои дозволуваат да бидат корумпирани од надворешни лица.
На неговиот последен ден во земјата, Франциск ја посети болницата за заболени од ХИВ-СИДА, управувана од заедницата „Сант Егидио“, а потоа одржа миса за околу 60.000 лица на националниот стадион.
Во болницата, папата зборуваше за сите четири главни теми на патувањето во оваа земја, како и за Мадагаскар и Маурициус – мир, сиромаштија, корупција и заштита на животната средина.
– Мозамбик е земја со изобилство на природно и културно богатство, но сепак парадоксално, голем број на нејзини луѓе живеат под нивото на сиромаштијата – рече Франциск на стадионот, во област на главниот град каде што многу луѓе живеат во стари, сиромашни куќи со метални покриви.
Според Светската програма за храна на Обединетите нации, 80% од населението во Мозамбик од околу 30 милиони не можат да си дозволат минимални трошоци за соодветна исхрана.
– Понекогаш се чини дека оние што пристапуваат со навидум желба да помогнат имаат други интереси. За жал, ова се случува со браќа и сестри од иста земја, кои си дозволуваат да бидат расипани. Многу е опасно да се мисли дека тоа е цената што треба да се плати за странска помош – рече папата Франциск.