Илјадници домови останаа без електрична енергија, одложени се летови, затворени училишта и блокирани патишта поради обилниот снег што последните денови ја зафати Романија.
Четири авиони на аеродромот во градот Сибиу во централниот дел на државата полетаа денеска со задоцнување од 40 до 70 минути заради снегот и отстранувањето на мразот. Снежната покривка во Сибиу е 20 сантиметри, а в моментот продолжуваат слаби снежни врнежи.
Многу возови беа блокирани од паднати дрвја на шините, а во североисточна Романија, неопходно е да се користат заобиколни патишта. Во округот Хунедоара (Западна Романија), 20 патници биле симнати од воз и пренесени со минибус, поради паднати дрвјата на шините.
Вкупно 260 дрвја паднале врз 36 автомобили, четири електрични столба и два покрива беа урнати, а многу електрични кабли беа искинати.
Градот Лугож во западниот дел на земјата остана вчера без вода и електрична енергија, а ова утро водоснабдувањето е делумно обновено.
Во округот Тимис (Западна Романија) утрово 57 села беа целосно или делумно без електрична енергија. Погодени од тоа се 45.000 лица. Во соседната област Арад, 12.000 луѓе немаат струја во 32 населени места.
Речиси 5.000 домаќинства во Вранча и повеќе од 1.000 во Бузау во Источна Романија исто така се без електрична енергија поради штетите предизвикани од силниот ветер.
Поради големиот снег, сите училишта во округот Тимиш се затворени денеска и утре. Часовите се откажани во 62 училишта во округот Караш-Северин и во 39 училишта во округот Арад во западниот дел на земјата.
Патишта во различни области во Западна и Централна Романија утрово сé уште беа затворени за сообраќај.
Пристаниште Мангалија на Црното Море е затворено поради силен ветер.