Електрични автомобили во моментов во Британија има помалку од 7 проценти, но нивната популарност засилено расте

Според планот на Владата на Велика Британија за обезбедување почист воздух, подобра животна средина и економија, во земјата се предвидува прекинување на продажбата на нови автомобили на погон на бензин и дизел до 2030 година. Ваквата амбициозна политика на Лондон наиде на жестоки критики од постојната автомобилска индустрија

Амбициозни политики за заштита на животната средина во Велика Британија

Британските власти и дефинитивно ќе ја забранат продажбата на нови автомобили со мотори на фосилни горива во 2030 година, пет години порано во однос на првичниот план на Владата во Лондон. Оваа амбициозна, но и по малку драстична одлука ја соопшти британскиот премиер Борис Џонсон, што е потврда на британските напори да се отворат на пазарот на електрични возила, но и да успеат во намерата Обединетото Кралство да постигне нула емисија на штетни гасови до 2050 година. Како што пренесуваат „Фајненшл тајмс“ и „Би-би-си“, продажбата на хибриди на Островот би била дозволена до 2035 година, но возилата со „чист“ бензински и дизел-мотор може брзо да исчезнат од продажните салони. Оваа стратегија, наречена „Патот кон нулта емисии“, има цел да ја стави Британија во првите редови на глобалната автомобилска револуција и да помогне во обезбедувањето почист воздух, подобра животна средина, како и во создавањето посилна економија, со тоа што британската влада ќе ги води индустриите на иднината и ќе ја гради својата конкурентност во клучните глобални економски области.

Нови работни места и пораст на економијата

Неодамнешна студија објавена од „Гринпис УК“ на оваа тема тврди дека крајниот рок до 2030 година би довел и до создавање нови 32.000 работни места до таа година. Истовремено, БДП во Велика Британија, според студијата, до 2030 година треба да се зголеми за дополнителни 0,2 проценти, што е еднакво на 4,2 милијарди фунти. Зголемување на вработеноста и повисоко ниво на економска активност, која би била резултат на забрзување на забраната на Владата, по автоматизам водат кон побрза транзиција на постојната индустрија кон електричните возила. Со ваквиот чекор може да обезбеди 1,9 милијарда фунти пораст на нето-приходите на Владата до 2030 година, се вели во економска анализа „Гринпис УК“. Отворањето на новите работни места најмногу ќе биде директно поврзано со енергетскиот сектор, производството на батерии и масовното воведување електрични инсталации во постојната патна мрежа.

Удар врз постојната автомобилска индустрија

Од друга страна, одлуката на британскиот премиер Борис Џонсон доаѓа и покрај предупредувањата од британската автомобилска индустрија дека поместувањето на датумот на забрана за продажба на нови бензински и дизел-автомобили до 2030 година е „поразително за нив“. Според „Фајненшл тајмс“, за време на пандемијата автомобилските индустрии, но и произведувачите на делови, многу малку може да одвојат средства што се потребни за иновации на нивните постојни компании, за тие да се префрлат во сегментот на електричните автомобили. Тоа, според медиумот, ќе преставува дополнителен удар врз постојната автомобилска индустрија, која во земјата во овој момент придонесува многу при креирањето на домашното БДП.

Вложување во иднината

Од друга страна, во насока на поблаг трансфер на работите, британската влада веќе се заложи за инвестирање во индустриите, организациите, универзитетите, потрошувачките групи и слично, за да овозможи распоредување на една од најдобрите инфраструктурни мрежи за електрични возила во светот и да се подготви за позелена иднина на сите патишта во Велика Британија.
Според властите во земјата, за таа намена Лондон планира да издвои 1,5 милијарда фунти во субвенции на возила со ултраниски емисии до 2020 година, а стратегијата „Патот кон нулта емисии“ поттикнува и некои други амбициозни мерки, како што се и отворање повеќе точки за полнење електрични автомобили, обезбедување по 500 фунти за сопствениците на електрични возила за да инсталираат точка за полнење во нивниот дом и сл.
Мајк Хулм, професор на Универзитетот во Кембриџ, рече дека критичарите не треба да „избираат прецизни детали“ од планот, бидејќи „многу е поважно да се одобри насоката на патување што е одредена за следната деценија.“
– Сега ни треба лидер да ја исполни амбицијата изразена преку преглед на трошоците во зелениот план што ќе ја тестира секоја линија на јавни трошоци за да се осигури дека е компатибилен со исполнувањето на нашите климатски цели – изјави тој.
Инаку, во овој момент електричните автомобили во Британија сочинуваат помалку од 7 проценти од пазарот за автомобили, но нивната популарност засилено расте и овој потег треба да го забрза процесот на нивно прифаќање.


Според планот, бројот на војници во Ирак и во Авганистан ќе се намали до средината на јануари, покрај аргументите на високите воени претставници за побавно и пометодично повлекување за да се зачуваат тешко добиените придобивки. Актуелниот секретар за одбрана, Кристофер Милер, во вторникот порача дека САД ќе ја намалат војската од 4.500 на 2.500 припадници во Авганистан и од 3.000 на 2.500 во Ирак. Планот за повлекување не кореспондира во целост со постојаните ветувања на Трамп за ставање крај на долгите војни на Америка и со настојувањето тоа да се изведе според условите на терен, а не според календарот. Во Авганистан, воените и одбранбените лидери постојано велат дека талибанците сè уште не ги имаат исполнето условите за намалување на насилните напади против авганистанските сили. Некои се загрижени дека пребрзото повлекување ќе ја зајакне преговарачката моќ на талибанците и ќе ја ослаби позицијата на авганистанската влада. Одлуката веќе наиде на ладен прием од некои републикански лидери во Конгресот и доби некарактеристична остра критика од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој во вторникот предупреди дека НАТО може да плати висока цена за прераното повлекување од Авганистан.