Американскиот претседател Џо Бајден истакна дека неговата посета на Европа е насочена кон промовирање на „алтернатива за Кина“, како и кон спротивставување на „штетните активности“ на Пекинг и на Москва, со што Кина и Русија ги зацврстуваат меѓусебните односи за да ги заштитат виталните интереси, пишува „Саут Чајна Морнинг Пост“.

– Рускиот претседател Владимир Путин ја посочува претстојната средба со Бајден како можност за поправање на нарушените односи, додека Бајден се одлучи за поцврст пристап, порачувајќи дека ќе изврши притисок врз Путин за прашањето на човековите права, како и за „идните штетни активности“. Ако САД продолжат со ваквата реторика, претстојниот самит ќе биде сличен како кинеско-американските разговори на Алјаска, а ќе резултира само со огорченост – пишува кинескиот весник.

Во поглед на ваквата ситуација, Путин е расположен за подобрување на односите со Кина. Обраќајќи се на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, тој повторно ги пофали руско-кинеските односи. Двете страни имаат корист од напредната технолошка соработка во вселенские истражувања, воената соработка и на полето на нуклеарната енергија.

Како доказ на зближувањето, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји лично му се заблагодари на рускиот колега Сергеј Лавров за поддршката на Москва во критикувањето на ставовите на САД со кои Кина се обвинуваше во дискусијата за потекклото на ковид-19. Кина јавно порача и дека ќе и даде полна политичка поддршка на Русија за одбрана на нејзините легитимни права. Ако се протолкуваат ваквите изјави, таквото ветување мпже да биде проширено и на Крим врз кој Русија полага право, што би ја засилило позицијата на Москва во пресрет на разговорите со Бајден. Кина исто така ја повика Русија да ги здружат силите против фронтот предводен од САД кој интервенира во државните политики, како што наведува „Саут Чајна Морнинг Пост“.

Соочувајќи се со имплементацијата на напорите на Бајден за обединување на демократиите против авторитарните режими, како и со заканите за нивните интереси, Русија и Кина го демонстрираа стратешкото значење од нивните билатерални односи, се заклучува во анализата.