Пред три недели, лидерот на опозицијата на Венецеула, Хуан Гваидо, стоеше пред една воена база заедно со дузина воени офицери и политички сојузници, повикувајќи ја војската да започне воен преврат против претседателот Николас Мадуро. Денес, тој е во бегство и секојдневно ја менува својата локација за да избегне апсење.
Поголемиот дел од луѓето кои стоеа до него тој ден, и голем број од пратениците кои го поддржаа побараа заштита од повеќе странски амбасади во земјата. Војската рутински го затвори Националното собрание со кое раководи Гваидо. Дополнително, неговите поддржувачи кои претходно излегоа на улиците, сега мораат да се вратат во реалноста и да се соочат со економската криза и големите недостатоци на храна, гориво и лекови.
Ослабената позиција на моќ и неможноста да ја разреши брзо кризата во Венецуела, го принуди Гваидо да започне да размислува за преговори со Мадуро. Минатата недела, двете страни испратија свои претставници во Норвешка за преговори, идеја која претходно Гваидо одбиваше да ја прифати.
Оваа промена на ставовите е пресвртна точка за опозицијата, која во јануари оваа година доби силен замав и голема меѓународна и домашна поддршка на улиците. Овој политички и општествен набој сега исчезнува, што е доказ за цврстото држење на власта од страна на Мадуро дури и во услови кога земјата се распаѓа околу него, констатираат од „Њујорк тајмс“.
Јавно, Гваидо останува позитивен и непоколеблив за неговите ставови и идеји, но реалноста која тој ја прифати и ја посочи на неколку интервјуа е дека капацитетот на опозицјата да делува во последно време е многу ограничен.
Повеќе од 50 земји, вклучувајќи ги и САД, Канада и поголемиот дел од членките на Европската Унија во јануари го признаа Гваидо како легитимен претседател и бараа предвремени избори во Венецула. Оттогаш, неколку земји ја променија реториката и изразија отвореност кон други пристапи за завршување на кризата, што е голема промена од итните меѓународни повици за оставка на Мадуро, кои претходно беа упатувани.
Важно е да се спомене и дека позицијата на Мадуро исто така беше ослабена со обидите за бунт и уривање на власта. Неговиот шеф на разувачката служба пребега, а официјални лица на САД тврдат дека министерот за одбрана и првиот човек на Врховниот суд исто така биле вклучени во настаните.
Повеќе од 3,7 милиони Венецуелци ја напуштија земјата поради влошените услови, според агенцијата за мигранти на Обединетите нации. Решавањето на кризата, сепак, која има многу големи импликации на светско ниво поради венецуелската нафта, е од клучно значење за повторното враќање на нормалниот живот на многубројното население, кое по се изгледа остана во втор план на случувањата во земјата.