Во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, унгарскиот премиер Виктор Орбан го повтори својот повик до Брисел да и ги надомести трошоците на неговата земја за заштита на границата на ЕУ.

Во писмото објавено на официјалната веб-страница на Владата, Орбан тврди дека мерките за заштита на унгарската граница станале „модел“ во цела Европа.

– Нова миграциска криза се случува на прагот на Европската Унија. Како што знаете, хибридната употреба на миграцијата која потекнува од Белорусија, како и катастрофалната евакуација на безбедносните сили од Авганистан може потенцијално да доведат до уште потешка криза од онаа на која бевме сведоци во 2015 година – напиша унгарскиот премиер.

Орбан рече дека верува оти единствената причина за сегашната кревка стабилност на ЕУ е фактот што Унгарија, заедно со другите земји-членки, успешно ги штити надворешните граници на Унијата.

– Само Унгарија досега потроши над 1,64 милијарди од националниот буџет за заштита на границите – напиша Орбан.

Тој истакна дека Унгарија е меѓу првите земји што изгради физичка гранична ограда, која низ годините докажа дека може да ја заштити безбедноста на граѓаните и на Унијата во целина.

Орбан, исто така, нагласи дека со текот на времето, унгарските мерки за заштита на границите станале модел и дека граничните огради сега се градат и во Грција, Шпанија, Бугарија, Словенија, Естонија, Литванија, Латвија и Полска.

Сето ова ги оправдува барањата за финансирање кои Унгарија ги споменува подолго време“, рече Орбан.

Тој напиша дека е време Комисијата да го направи она што одамна требаше да го направи – да признае дека заштитата на надворешната граница е неоспорна манифестација на европската солидарност и дека напорите на земјите-членки во тој контекст заслужуваат признание и поддршка.