Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, реагираше на одлуката на Европската Комисија да отвори прекршочна процедура против Унгарија за законот со кој можат кривично да се гонат невладини кои им помагаат на бегалците.
Европската Комисија неодамна одлучи дека овој закон, како и претходниот закон поврзан за правото на азил во Унгарија, ги прекршуваат европските правила. За едниот случај Унгарија ќе одговара пред Европскиот Суд за Правда, додека за криминализацијата на помошта за мигрантите, Будимпешта има неколку месеци да направи промени, пред да се најде на Суд.
Во интервју за унгарско радио Орбан порача дека одлуките на Европската Комисија се безначајни, затоа што мандатот и привршува.
Европските избори ќе се одржат во мај идната година, по што ќе се избира нов Европски Парламент и нова Европска Комисија. Загриженост во ЕУ постои поради ризикот следните избори да донесат повеќе антиевропски сили.
Орбан ги спореди одлуките и предлозите на сегашната Европска Комисија со“нозете на жабите во биолошките експерименти што ги гледавме во училиште, и кои немаат веќе никакво значење“.
-По европските избори ни треба Европска Комисија која нема да ги казнува земјите што сакаат да си ги заштитат границите, изјави Орбан и повика на “нов пристап“ во ЕК.