Авторка: Кара Алајмо

Си-ен-ен

Претседателот Доналд Трамп вчера потпиша извршна уредба со која сака да ја скрати широката заштита, зад која од одговорност се кријат компаниите на социјалните мрежи за содржини објавени на нивните платформи. Извршната уредба има цел да им даде овластување на федералните органи да ги казнуваат компаниите како „Фејсбук“ и „Твитер“ за цензурирање на корисниците или отстранување на нивни содржини тврдејќи дека со тоа го повредиле правото на слободен говор.

Извршната уредба се коси со доменот на алинеја 230 од Законот за пристојност во комуникации, со кој им се дава на социјалните мрежи и други портали имунитет за одговорноста кон содржината што се објавува на нив. Иако не е јасно како ќе изгледа Интернет без алинејата 230, правните експерти велат дека ова може да доведе до иднина каде што порталите нема да дозволуваат содржина од корисници поради страв од тужби или, пак, ќе дозволуваат само до одредени граници.

Извршната уредба беше донесена само неколку дена откако „Твитер“ означи со „предупредување за погрешни информации“ две објави на претседателот, за гласањето преку пошта и понуди линк за проверка на факти. Трамп подоцна гневно го возврати ударот на „Твитер“ соопштувајќи дека „ќе следи голем чекор!“

Јасно е дека Трамп ја користи неговата претседателска моќ за да го заплаши „Твитер“ затоа што со право побарал одговорност за неговите објави. Како што и претходно наведов, претседателот во голема мера ја должи изборната победа од 2016 година на оваа платформа која му овозможи слободни, нерегуларни средства за масовно собирање на следбеници и ширење на лаги. Откако со години му се дозволуваше на Трамп да шири лаги и да ја злоупотребува платформата за свои политички придобивки, на крајот се чини дека „Твитер“ покажа заби (компанијата продолжи да ги означува објавите за кои треба проверка на факти додека кружеа вестите дека претседателот подготвува извршна уредба). Но најновата бурна реакција на Трамп може да ги одврати другите компании да му се спротивстават на претседателот. Борбата околу извршната уредба, која со сигурност ќе се соочи со правни предизвици, ќе се одигра токму кога Трамп сака реизбор. Ризиците се неверојатно големи, а уште поважно е што гласачите добиваат прецизни информации преку социјалните мрежи.

Точно е дека треба да се измени алинејата 230, но во поинаква насока од онаа што Трамп ја предлага. Еден од најголемите проблеми на Интернет сега е ширењето на дезинформациите. Според една студија на истражувачите од универзитетот Оксфорд, мнозинството од тврдењата за пандемијата кои беа срушени со помош на проверката на факти, сепак остануваат на Твитер без ознаки за предупредување. Извештајот исто така откри дека еден од најголемите извори на лажни информации биле јавните личности меѓу кои славните и политичарите како Трамп. За време на пандемијата од коринавирусот, ваквите лажни информации можат да ги загрозат животите на луѓето.

Друг огромен проблем е омразата на Интернет. Мнозинството Американци се жртви на вознемирување на Интернет, а 37 отсто од нив се соочиле со сериозна форма како тајно следење и физички закани, се вели според студијата спроведена во 2018 година од страна на Лигата за борба против клевета. Таа исто така покажа дека 80 отсто од Американците сакаат владата да ги зајакне законите за омраза на Интернет.

Извршната уредба на Трамп ќе ја зајакне можноста да се овозможи вознемирување на Интернет и да се шират лаги без да постојат санкции, затоа што социјалните мрежи ќе постојат во страв од законски казни за интервенирање во такви содржини. Токму затоа, наместо да се воведат правила со кои ќе се ограничи нивната можност да селектираат говор на омраза од дезинформации, владата треба да направи што е можно повеќе за да има интервенции во содржините и да ги казнува компаниите кои не ја отстрануваат штетната содржина.

Всушност состојбата во која сега се наоѓаат социјалните мрежи покажува зошто злоупотребата и лагите на нив не треба да се толерираат, особено ако потекнуваат од моќни луѓе како Трамп. Ако „Твитер“ претходно ги проверуваше фактите во објавите на Трамп додека беше кандидат за највисоката позиција во државата, тој можеби никогаш немаше да стане претседател со моќ да ѝ се заканува на компанијата со ваква опасна извршна уредба која само ќе биде во негова корист.

Апсолутно најлошото нешто што технолошките компании можат да го направат е да потклекнат пред претседателот. Социјалните мрежи мора да се здружат за да ги одбранат своите права и воедно нивна должност е да ги отстрануваат лажните и заканувачки објави кои можат да предизвикаат вистинска штета по американскиот народ. Во спротивно, тие можат да му го олеснат патот на Трамп кон претстојните избори со тоа што ќе му овозможат да објавува лажни тврдења и да им се заканува или да ги вознемирува сите оние кои ќе побараат одговорност од него.

Трамп можеби беше поттикнат да ја донесе извршната уредба откако Твитер обележа две од неговите објави како „можна погрешна информација“. Во реалноста таквиот опис е учтив начин за да се опише што Трамп навистина прави, односно дека го користи Интернет за да шири лаги. Сега тој им се заканува на компаниите кои се обидуваат да се спротивстават на неговата волја. Социјалните мрежи не смеат да капитулираат пред него.

Превод: Билјана Здравковска