Последното избувнување на насилство меѓу Израел и палестинското движење Хамас го става Појасот Газа на работ на војна, изјави пред Советот за безбедност на ОН координаторот на Организацијата за Блискиот Исток, Николај Младенов.
– Последниот циклус напади е предупредување до сите нас колку многу сме на раб на војна секој ден- рече Младенов преку видеоконференциска врска од Ерусалим.
Советот за безбедност, по барање на САД, одржа вонредна седница на која Вашингтон бараше да се усвои декларација со која се осудуваат нападите врз Израел кои во вторникот ги извршија вооружените крила на Хамас и „Исламски џихад“.
Израелската армија одговори со напади на десетина цели во Појасот Газа.
Младенов истакна дека меѓународната заедница треба „недвосмислено да го осуди“ гранатирањето на Хамас врз Израел, но додаде дека „опасната ескалација“ треба да се разгледува во контекст на двомесечните протести на границата на Појасот Газа со Израел, во кои во израелски напади загинаа 110 Палестинци, а уште повеќе беа повредени.
Непостојаната членка на Советот, Кувајт, кој ги претставува арапските земји, го блокираше предлогот на САД и посочи дека поднел своја нацрт-резолуција за решавање на кризата.
Кувајт бара оваа седмица да се гласа за неговиот предлог, во кој се повикува да се разгледаат „мерки за гарантирање на безбедноста и заштитата на палестинското цивилно население“ на палестинските територии и Појасот Газа.