Топлотниот бран, кој претходните три дена го погоди Пакистан, усмрти 65 лица во градот Карачи на југот на земјата, а бројот на жртви би можел да се зголеми доколку температурите се задржат, соопштија официјални лица.
Жештината од 44 степени и повеќе го погоди тој дел од Пакистан, во време на рамазанските пости, кога повеќето муслимани не јадат и не пијат преку ден.
Фондацијата Еди, која се занимава со погребални услуги и итна помош, соопшти дека починале 65 лица од топлотен удар во градот Карачи, а повеќето жртви биле работници и со потекло од сиромашните квартови на градот.
– Тие работеа блиску грејачите и бојлерите во текстилната фабрика – информира фондацијата.
Се очекува до четврток температурата да биде околу 40 степени Целзиусови.
Пакистан во 2015 година го погоди топлотен удар, при што починаа најмалку 1.300 лица.