Полицијата на југот во Германија ја заврши истрагата за случајот со размената на педофилски содржини и го предаде истражниот материјал со податоците за над 1.600 осомничени до Државното обвинителство, соопшти полицијата во Амберг, Баварија.
– Дигитални форензичари ја следат размената на педофилски материјали преку платформа за испраќање пораки веќе пет месеци – рече Доминик Штиглер од локалната полиција.
Врз основа на собраните податоци, над 1.600 лица во Германија, Швајцарија, Франција, Австрија и САД се осомничени за размена на педофилски материјал. Тие се соочуваат со затворски казни од најмалку една година. Според соопштението на полицијата, многу од учесниците во затворените групи за споделување материјали се малолетни.
– Покрај луѓето склони кон педофилија, ова се често деца и млади кои безгрижно испраќаат слични фотографии преку групи за комуникација и со тоа прават кривични дела – рече Питер Кремер од полицијата.
Германија беше потресена во последните месеци од неколку големи скандали поврзани со сексуална злоупотреба на деца и дистрибуција на педофилски материјал.