Енергетските компании управувани од милијардерите Бил Гејтс и Ворен Бафет го избраа Вајоминг како локација за првиот нуклеарен реактор на ладење со натриум, кој ќе биде поставен на местото на стара фабрика за јаглен, пренесува „Гардијан“.
Компанијата „Терапауер“ на Гејтс, како и компанијата „ПацифиКорп“ на Бафет, во заедничко соопштение вчера информираа дека точната локација ќе се знае до крајот на годинава.
Малите напредни реактори претставуваат критична технологија која нема да се потпира на јаглерод, а со која ќе се намалат емисиите што предизвикуваат климатски промени.
– Сметаме дека натриумот ќе ја смени енергетската индустрија – рече Гејтс на конференцијата.
Проектот содржи брз 345-мегаватен реактор, чиешто ладење со растопен натриум би можело да ја зголеми моќта на 500 мегавати во текот на периодите кога ќе има најголема потреба од енергијата. Според „Терапауер“, изградбата на постројката ќе чини околу милјарда долари, а реакторот ќе биде изграден за седум години.
Минатата година, американскиот оддел за енергетика ѝ додели на „Терапауер“ 80 милиони долари како почетно финансирање за демонстрација на технологијата, а одделот исто така вети дополнително финансирање во наредните години.
Експертите за нуклеарна енергија предупредија дека напредните реактори би можеле да претставуваат и голем ризик. За разлика од конвенционалното гориво, горивото за ваквите реактори ќе треба да се збогатува многу повеќе, што значи дека ланецот за снабдување би бил привлечна цел за милитанти кои сакаат да создадат сурово нуклеарно оружје.