Извештаите за втора експлозија од смртоносен тест на руски ракетни мотори можеби се погрешни, а сигналите може да потекнуваат од неповрзана рударска активност, рече норвешката фондација за нуклеарен мониторинг, која прва ја претстави теоријата за двојна експлозија.
Минатата недела „Норсар“, норвешка фондација за мониторинг на забрана за нуклеарно тестирање, соопшти дека експлозијата на 8 август во која загинаа петмина руски научници, беше проследена со втора експлозија два часа подоцна и дека ова е најверојатно изворот на засиленото зрачење.
Втората експлозија е откриена од страна на инфратонични сензори за воздушен притисок во норвешкиот град Бардуфос, но понатамошната анализа, која зеде предвид дополнителни податоци од Норвешка и Финска, укажа на различно објаснување, рече „Норсар“ на својата веб-страница.
– Насоката покажува мала девијација од 1-2 степени разлика од првиот настан до станицата во Бардуфос. Понатамошна анализа на настанот со дополнителни сеизмички податоци укажува на тоа дека настанот исто така можеби произлегува од рударската активност во Финска – се додава во објаснувањето.
Гувернерот на рускиот регион Архангелск, каде што се случи експлозијата, ги отфрли извештаите за уште една експлозија.
Државната агенција за временски услови во Русија соопшти дека во понеделникот пронашла радиоактивни изотопи на стронциум, бариум и лантанум во тест примероци земени по несреќата.
Претседателот Владимир Путин изјави дека несреќата се случила при тестирање на, како што рече, ветувачки нови системи за оружје.