Блискиот Исток веќе нема да биде главна област за снабдување на земјите од Западот, односно САД и водечките европски земји. Со тоа се менува и геополитичката улога на Блискиот Исток. Наместо поле од политички интерес за САД и за Европа, овој регион е на добар пат да стане поле од важен политички интерес за водечките азиски земји – Кина и Индија, оценува порталот „Геополитика“
Енергетската геополитика цел век имаше две главни карактеристики. Првата е важноста на нафтата, нејзината стратегиска улога во економиите, како и контролата на светските велесили над нафтените ресурси и главните правци на извоз на овој енергент. Втората карактеристика е односот на Европа и на САД кон Блискиот Исток, просторот на кој се наоѓаат резервите на речиси половина од светската нафта. Но по сто години, патиштата на нафтата од Блискиот Исток кон Западот сега се менуваат кон Истокот и тоа нема да остане без последици, како за идната енергетска геополитика, така и за политичкото влијание и контрола над конфликтите и евентуални кризи во блискоисточниот региони. Па, така, Кина и Индија, покрај тоа што се на добар пат кон водечките позиции во глобалната економија, тие исто така стануваат сѐ повеќе зависни од увозот на енергија од Блискиот Исток, оценува порталот „Геополитика“.
Во светло на промената на главните тежишта на економското и трговското значање, како и сѐ поголемото влијание на азиските земји во меѓународната трговска размена, во сегашната енергетска структура се менува и тежиштето на главните правци на извоз на енергетски суровини од Блискиот Исток. Тоа што пред половина век беше сплет на односите на Блискиот Исток, Европа и САД, за некоја деценија ќе биде сплет на односите и интересите на блискоисточните извозници на нафта со Кина и со Индија. А во согласност со тоа, постепено ќе се менуваат и геополитичките односи.
САД повеќе децении, уште од периодот на Втората светска војна, беа најголем потрошувач на енергија во светот. Но во 2009 година, Кина ги надмина САД според потрошувачката на примарна енергија во светот. Кинеската потрошувачка на енергија во 2018 година достигна речиси 24 отсто од вкупната потрошувачка на примарна енергија во светот, по што следуваат САД (16,6 отсто) и ЕУ (12 проценти). Од друга страна, во изминатите две децении речиси двојно е зголемено домашното производство на нафта во САД, со приближно иста потрошувачка на нафта како на почетокот од овој век. Со тоа САД, ако се земат предвид и големиот пораст на производство на нафта и увозот од Канада и од Мексико, практично достигнаа независност со снабдувањето со нафта во рамките на Северна Америка. Ако на тоа се додаде и зголеменото производство на природен гас, САД во изминатите две децении практично се ослободија од зависноста од снабдувањето со нафта од земјите од Блискиот Исток.
Истовремено, Кина и Индија бараат и трошат сѐ повеќе енергија. Во изминатите десет години, Кина е земјата што троши најмногу енергија во светот. Порастот на потрошувачка на енергија во Индија, во текот на претходните неколку години, ги надминува сите големи потрошувачи на енергија и, според проекциите, таквиот тренд ќе продолжи и во наредните две децении. Покрај тоа, во Кина и во Индија се менува и структурата за користење на примарните извори на енергии. Уделот на домашниот евтин јаглен постепено се намалува, а како што се намалува или стагнира домашното производство, така се зголемува увозот на нафта и гас и сѐ повеќе расте увозот на нафта од земјите од Блискиот Исток.
Увозот на нафта од Блискиот Исток во Кина и во Индија, пред десет и повеќе години, изнесуваше помалку од половината на увозот на нафта во САД и земјите од ЕУ, додека во 2018 година кинескиот и индискиот увоз на нафта од блискоисточните земји повеќе од двојно ги надмина американскиот и европскиот увоз на нафта од тој регион. Ако се земат сите овие факти предвид, повеќе од јасна е зависноста на Кина и на Индија од нафтата од Блискиот Исток, како и од природниот гас од Русија и од Централна Азија.
Блискиот Исток веќе нема да биде главна област за снабдување на земјите од Западот, односно САД и водечките европски земји. Со тоа се менува и геополитичката улога на Блискиот Исток. Наместо поле од политички интерес за САД и за Европа, овој регион е на добар пат да стане поле од важен политички интерес за водечките азиски земји – Кина и Индија. Тоа, најверојатно, нема да помине без геополитичко-енергетски последици и тоа како во односите на Блискиот Исток со водечките земји на Западот, така и кон сѐ поголемата идна желба на Кина и на Индија својата енергетско-трговска положба во блискоисточниот регион да ја валоризираат и во геополитичка смисла, заклучува „Геополитика“.