Трендот на опаѓање на цената на литиумските батерии за електричните возила ќе продолжи и во наредните години, поради подобрувањето на технологијата на самите компоненти за нивно производство. Тоа, според експертите, значи дека електричните возила набрзо ќе бидат со еднаква цена како автомобилите на фосилни горива
Како ќе се одрази падот на цената на литиумот на заштита на животната средина
Со бумот во развојот на електричните возила и изградба на гигафабрики за литиумски батерии, цената на овој хемиски метал почна да се намалува. Поевтинувањето на цената на батериите е очигледно со зголемувањето на бројот на компании што ги произведуваат, па, така, производителите ги споделуваат трошоците за изградба на фабрики и ги охрабруваат доставувачите на ресурси да ги намалат цените. Меѓу другото, ова ќе ги направи електричните возила значително поевтини, а животната средина поздрава.
Ова се процените на истражувачката компанија „Блумберг НЕФ“, која ги објави неодамна во своја анализа поврзана со падот на цената на литиумските батерии на светскиот пазар. Имено, како што наведува американскиот истражувачки документ, трендот на опаѓање на цената на металот литиум, главна компонента за производство на батериите, ќе продолжи поради подобрувањето на технологијата на самите компоненти за нивно производство, а тоа значи дека електричните возила во скора иднина ќе бидат со еднаква цена како автомобилите на фосилни горива. Според „Блумберг НЕФ“, лани цената на литиумјонските батерии изнесуваше 137 долари за киловат-час, што е за 64 отсто пониско од 2015 година, кога изнесуваше околу 380 долари. Ова говори колку напреднала технологијата во меѓувреме и е главна причина за рушење на цените на софистицираните батерии за производство на електрични автомобили.
САД и Европа лидери по бројот на електрични возила
Со оглед на тоа што цената на батеријата сочинува една третина од вкупната цена на електричниот автомобил, намалувањето на трошоците за нивно производство е клучно за да станете конкурентни на конвенционалните автомобили, пишува на истава тема магазинот „Економист“. Според медиумот, поголемите електрични возила ќе достигнат иста цена со автомобилите на фосилни горива во САД и во Европа некаде на средината на 2022 година, додека паритетот ќе биде достигнат во одредени сегменти и региони до крајот на оваа деценија.
– Сигурно е дека производството на батерии ќе продолжи да се развива. Во моментов, просечната цена за еден киловат-час енергија од литиумјонска батерија е 140 долари. Целта е да изнесува 100 долари, а потоа електричните автомобили да станат конкурентни со конвенционалните. Производителите на батерии би можеле да ја постигнат оваа цел во следните неколку години – заклучуваат аналитичарите на „Економист“.
Во меѓувреме, според комесарот на ЕУ за зелена политика Франс Тимерманс, Брисел ќе преземе радикални чекори за да обезбеди 100 отсто намалување на емисиите на јаглерод диоксид до 2035 година, што практично би значело прекин на производството на возила со мотори со внатрешно согорување за само 14 години. Како што пренесе АП, промените ќе одат многу брзо. Според очекувањата, до 2030 година ЕУ планира да ги намали просечните емисии на јаглерод за 60 проценти во споредба со 1990-тите. Идејата на Комисијата е да обезбеди доминација на електричните возила преку комбинација на стимулации и построги правила.
– Особено е важно да се обезбеди пристапност до електричните возила за сите Европејци. Притоа, на производителите на возила ќе им се наплаќаат дополнителни такси за загадување на животната средина – посочи комесарот Тимерманс.
Долг е патот до целосна замена на конвенционалните возила
Паралелно со ова, една американска студија истакнува дека, како што стојат работите, цената на поседување електрично возило веќе чини помалку од автомобил со конвенционален мотор, а напредувањата во батериската технологија ќе ги намалат трошоците уште повеќе. Оваа студија исто така истакнува дека е важно што постои поширок опсег на електрични возила што се достапни за купување. Исто така, се посочува дека промената кон електрични возила треба да биде брза, за да се спречи влијанијата врз климатските промени.
– Дури и ако 100 проценти од возилата што се продадени се електрични, ќе биде потребно повеќе од една деценија да се заменат сите автомобили на патиштата, или дури само 50 проценти од автомобилите на патиштата. Ова е долг процес и постепена еволуција истовремено – изјави Хареш Камат, програмски менаџер за складирање енергија од непрофитабилниот при институтот „Електрик повер рисрч“.