Одликуваниот припадник на специјалната единица „фоки“ на американската морнарица, Едвард Галагер, моментно се соочува со обвинувања за убиство на дете-борец од Исламската држава (ИД) во Ирак, на судењето кое е во тек во Сан Диего, САД, пренесува магазинот „Тајм“. Тој се соочува со доживотна казна затвор на судењето кое се очекува да трае три недели.
Но, на судењето дојде до изненадувачко откритие кога сведокот на наводното злосторство, и соборецот на Галагер од истата единица, Кори Скот, истакна дека тој го извршил убиството, а не обвинетиот.
Скот сведочеше дека Галагер го пробол тинејџерот со нож, но дека тој, всушност, го извршил убиството во болницата во кое детето се опоравувало од повредите. Скот тврди дека тоа го сторил од сожалување, сметајќи дека борецот на ИД ќе биде измачуван во притвор, од страна на ирачката полиција. Обвинителството, пак, реагираше дека Скот изнел лажни тврдења, нагласувајќи дека претходно не ја спомнал ваквата верзија на настаните.
За разлика од судењата во кои се вклучени цивили, воените трибунали постапуваат по обвиненијата од официјални воени лица, во овој случај од претпоставените на Галагер. Судењата се интерни, со порота од воен персонал, а во случајот на Галагер, и со судија од морнарицата.
Обвинителството досега претстави приказ на високообучен борец кој се оттргнал од контрола во текот на неговата осма воена тура, пукајќи кон ирачки цивили и смртно бодејќи дете-борец на ИД за кое се претпоставува дека било на 15-годишна возраст. Во обвинението се наведува и дека Галагер го избодел тинејџерот кој бил донесен на лекување кај „фоките“ во ирачки Мосул, поради повредите здобиени во борбите со ирачката армија во мај 2017 година. Згора, сведоците тврдат оти Галагер без причина го избодел момчето, а потоа и позирал со неговиот труп.
Информациите за случајот ги собрал специјалниот истражител на американската морнарица Џо Варпински, кој разговарал со деветмина членови на „фоките“. Варпински слушнал сведоштва според кои Галагер во повеќе наврати пукал кон цивили, а потоа се заканувал кон неговите соборци во случај тие да ги пријават неговите постапки. Командирот на водот Џејкоб Портиер е обвинет бидејќи не го пријавил Галагер.
Од друга страна, фондот на „фоките“ собра повеќе од 200 илјади долари за одбраната на Галагер преку Интернет, наведувајќи дека „неговата репутација како елитен воин е оспорена само од неколкумина луѓе кои служеле покрај него“.
Адвокатот на Галагер тврдеше дека неговиот клиент е лажно обвинет од незадоволни членови на „фоките“, кои сакале да се ослободат од лидерот на водот познат по строгоста. Галагер е одликуван со бронзената ѕвезда во два наврати. Случајот е специфичен поради сериозноста на обвинувањата против елитен специјалец, како и поради вклученоста на сведоштвото на припадници на единицата „фоки“, која е позната по нејзината поврзаност и затвореност.