Партиите од политичките екстреми стекнаа упоришта во Европа, додека, пак, САД, чија моќ некогаш беше гарант за либералниот светски поредок, направија пресврт со доаѓањето на власт на Доналд Трамп. Лидерите сѐ повеќе го користат национализмот за да го зајакнат авторитетот, особено кога се соочени со тешки економски или политички услови, а глобалните институции не успеаја да се приспособат на новиот баланс на моќта и технологиите
Светската јавност изминатите години е сведок на уривање на либерализмот, кој се соочува со најголемите предизвици во своето постоење. Демократиите ги чувствуваат ефектите од растечкиот популизам. Истовремено, партиите од политичките екстреми стекнаа упоришта во Европа, додека, пак, САД, чија моќ некогаш беше гарант за либералниот светски поредок, направија пресврт со доаѓањето на власт на Доналд Трамп. Лидерите сѐ повеќе го користат национализмот за да го зајакнат авторитетот, особено кога се соочени со тешки економски или политички услови, а глобалните институции не успеаја да се приспособат на новиот баланс на моќта и технологиите. Во оваа борба на либералната и конзервативната елита, моќта се помести уште повеќе кон десно со минатонеделниот избор на Борис Џонсон за лидер на конзервативците и премиер на Британија.
– Дефинитивно можеме да кажеме дека со неговата победа глобалната конфигурација стана полуконзервативна. Доколку Џонсон се одржи на власт, тоа може да влијае дури и на американските претседателски избори наредната година – оценува Невен Цветичанин, претседател на белградскиот Форум за стратегиски студии.
Патот на Џонсон од критичар на Владата до претседател на влада беше бурен и гласен. Некогаш успешен новинар, неуспешен градоначалник на Лондон и не многу подобар министер за надворешни работи, тој долго време е во центарот на вниманието на британските и светските медиуми. Еден од најгласните заговорници за брегзит е познат по своите вербални испади, екстравагантната појава и бомбастичната невообичаеност за британската политика.
– Сега „немирните момци“ го преземаат приматот на глобално ниво. Тука се Џонсон и Трамп, а од претходно и Владимир Путин. Можеме слободно да кажеме дека глобално влегуваме во ерата на конзервативните мачо-лидери, бели и хетеросексуални застапници на старите вредности. Ова е ера на политички мангупи – додава Цветичанин.
Само пред десет години тимот на светски лидери претежно го сочинуваа технократи, кои можеби секогаш беа подготвени на договор и никогаш не ги нарушуваа мултилатералните панели, но ни одблиску не беа толку впечатливи.
Тоа што политиката на денешните конзервативци ја прави „немирна“ е фактот дека тие го ставаат националниот интерес пред какви било глобални линии. Па, така, тие ја ставаат билатералната дипломатија пред мултилатералната, односно пред големите мултилатерални тела како што се ЕУ и ОН. Конзервативната политика подразбира прво да се гледа националниот интерес, а потоа меѓународните организации.
За слабеењето на либералниот светски поредок многумина ја обвинуваат одлуката на Американците во 2016 година за шеф на Белата куќа да го изберат Доналд Трамп, контроверзен милионер, телевизиска личност и конзервативен републиканец. Претседателската кампања ја почна во јуни 2015 година, од позиција на противник на естаблишментот, претставувајќи се како целосна спротивност на она што Вашингтон го заговара и практикува во изминатите децении.
Главни карактеристики на неговата кампања беа залагањето за цврсто регулирање на проблемот со нелегалната имиграција, контроверзни ставови за хомосексуалните бракови, но и жестоко противење на окупацијата на Ирак и тврдењата дека политиката на САД во Сирија и регионот е една од причините за појавувањето и опстојувањето на Исламската држава.
Од почетокот на неговиот мандат, САД одлучија да бидат против приклучување на Транспацифичкото партнерство и да се повлечат од Парискиот климатски договор. Тие ја напуштија и Северноамериканската спогодба за слободна трговија (НАФТА), како и иранскиот нуклеарен договор. Во последната година од неговиот четиригодишен мандат ескалираа судирите помеѓу Америка и Иран, а Трамп не само што ја продлабочи трговската војна со Кина туку почна слични битки и на повеќе фронтови низ светот. Уште една негова карактеристика е недовербата во мултилатералните договори и институции. Затоа, на Трамп повеќе му одговара постигнување договор помеѓу двајца моќни државници, седнати на преговарачка маса.
Виктор Орбан – националист под европска капа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во изминатата деценија беше пионер во бескомпромисната одбрана на националниот суверенитет и транспарентната недоверба во политичките институции. Тој е економски популист и општествен конзервативец, кој јасно го искажува својот презир кон либералната елита.
Политичката умешност на Орбан беше во тоа што никогаш не беше отворено авторитативен и што неговото владеење во најголем дел беше во согласност со нормите на ЕУ. Меѓутоа, изминатите неколку години тој стана помалку внимателен, па, така, од Брисел почнаа да пристигнуваат сѐ поостри критики. Истовремено, неговото влијание во Европа почна да слабее, а сега многумина го обвинуваат дека не остана ништо од демократијата во неговата земја.
Жени во одбрана на либерализмот
Германската канцеларка Ангела Меркел се приближува кон крајот на својот мандат. Таа во моментов е во потрага за свои наследници, а во потесниот избор се најдоа две жени. Едната е Урсула фон дер Лејен, која во моментов е на чело на Европската комисија, а втората е Анегрет Крам Каренбауер, која ја замени првата на местото министерка за одбрана. Меркел уште е активна на политичката сцена, па, така, во моментот во германскиот врв се наоѓаат три силни жени.
Ветерани од Истокот
На спротивната страна на светот веќе долго време постојат силни конзервативни лидери со долг стаж, какви што сега се појавуваат и на Западот. Најистакнати меѓу нив се лидерите на две големи сили – рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг. Добрите односи помеѓу Путин и Си дополнително ги зацврстија нивните позиции. Во текот на изминатите шест години, двајцата лидери се сретнаа рекордни 30 пати и изградија меѓусебна доверба.