Најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, денеска ќе патува во вселената со ракетата „Њу Шепард“ на својата компанија „Блу Ориџин“, како дел од екипажот од историскиот суборбитален лет што претставува почеток на новата ера на приватните вселенски патувања.
Американскиот милијардер ќе полета од пустина во западен Тексас, а патувањето до работ на вселената ќе трае 11 минути. Пред девет дена, британскиот ривал на Безос, Ричард Брансон, беше дел од успешниот лет во вселената на „Вирџин Галактик“. Брансон прв пристигна во вселената, но Безос ќе одлета подалеку. Безос ќе се издигне на 100 километри од површината на Земјата, додека Брансон се искачи на 86 километри.
На Безос на патувањето ќе му се придружи Воли Фанк, која со 82 години ќе стане најстарата личност што патувала во вселената. Нив ќе ги придружува холандскиот тинејџер Оливер Даемен, кој ќе стане најмладиот астронаут, а воедно е и првиот патник кој платил за патувањето со „Блу ориџин“. Четвртиот член на екипажот е Марк, братот на Џеф Безос, финансиер кој управува со семејната фондација „Безос“ и волонтира како пожарникар.