Големата национална дебата, чија првична анализа се очекува да биде објавена в понеделник, чини околу 12 милиони евра, соопшти денеска еден од координаторите на дебатата, францускиот министер за територијална кохезија Себастијан Лекорну, при сослушувањето пред Сенатот во Париз, јавува дописникот на МИА.
– Ние ја проценуваме вкупната цена на дебатата помеѓу 10 и 15 милиони евра, но таа во глобала ќе чини 12 милиони евра, изјави Лекорну во одговор на прашање од сенаторот Филип Доминати, кој изрази загриженост поради „скриените трошоци“ на дебатата.
Од овие 12 милиони евра, 6,2 милиони евра се наменети на Министерството за екологија и солидарност, 3,1 милиони евра за службите на премиерот и информативната служба на Владата и 1,7 милиони евра за Министерството за економија.
Останатите средства, според Лекорну, се наменети за различни други трошоци, вклучително и за Министерството за внатрешни работи.
– Овие 12 милиони евра се трошоците за демократијата, нагласи Лекорну, истакнувајќи дека едни претседателски избори во Франција чинат 250 милиони евра.
Вториот координатор на Големата дебата, државната секретарка при Министерството за екологија и солидарност Емануел Варгон, од своја страна, изјави дека во оваа „демократска вежба директно учествувале околу 1,5 милиони луѓе“.
На реакцијата на сенаторите од опозициската партија Републиканци, кои сметаат дека оваа дебата „не е израз на сите Французи“, Варгон изјави дека Големата дебата ќе помогне да им се „врати зборот на Французите, а не зборот на сите Французи“.
– Но, ние имаме повеќе од доволно критична маса за да го чуеме зборовите на Французите, додаде таа.
По објавувањето на анализата од дебатата в понеделник, премиерот Едуар Филип ќе се обрати пред Националното Собрание во вторник, по што ќе следи расправа без гласање. Следниот ден истата процедура ќе биде повторена и пред Сенатот каде мнозинство има опозициската десница.
Одлуките на Емануел Макрон и неговата Влада по резултатите од дебатите и расправите во Парламентот се очекуваат најрано околу средината на месецов, а нивната реализација треба да заврши до летото.