Членките на НАТО одлучија дека Русија мора целосно да соработува во непристрасна истрага за наводното труење на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Истрагата ќе ја води Организацијата за забрана на хемиско оружје, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Германија, каде што Навални беше префрлен на лекување, објави дека е отруен со нервниот агенс „новичок“, потсетува „Ројтерс“.
Русија, пак, тврди дека сè уште нема докази дека е сторено кривично дело.
– Секоја употреба на хемиско оружје покажува целосно непочитување на човечките животи и претставува неприфатливо кршење на нормите и правилата на меѓународната заедница – рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.