Шефот на НАТО ги предупреди Русија и Белорусија да не се закануваат на членки на Алијансата, откако белоруските власти присилно приземјија патнички авион што леташе во рамки на ЕУ, се вели во соопштение објавено денеска.
– Секако, во итни ситуации, ние сме подготвени да го заштитиме и одбраниме секој сојузник од каква било закана што доаѓа од Минск и Москва – рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за весникот „Велт ам Зонтаг“.
Тој додаде дека многу внимателно следат што се случува во Белорусија.
– Белорусија станува сè позависна од Русија – семета Столтенберг.
Тој исто така рече дека НАТО е сериозно загрижен за тесната соработка меѓу Москва и Минск во последните месеци.
– Од минатото мораше да научиме дека Русија масовно го наруши територијалниот интегритет на земји како што се Украина, Грузија и Молдавија – додаде тој.
Сепак, истакнува дека НАТО првенствено е одбранбен сојуз.
Литванија, Летонија и Полска, сите членки на НАТО, ги делат границите со Белорусија.
Пред две недели, белорускиот претседател Александар Лукашенко даде наредба комерцијален лет на „Рајанер“ меѓу двата главни града од ЕУ, Атина и Вилнус, да слета во Минск.
Белорускиот новинар и критичар на Лукашенко, Роман Проташевич и неговата девојка Софија Сапега, кои биле во авионот, се уапсени и натаму се во притвор.
Додека ЕУ реагираше со воведување санкции кон Белорусија, рускиот претседател Владимир Путин го прими Лукашенко на разговори и рече дека Москва ќе ја поддржи Белорусија со заем од 500 милиони долари.
Путин, исто така, ја истакна неговата постојана поддршка за Лукашенко во спорот со Западот.