Британската полиција го идентификува напаѓачот, кој завчера со нож прободе две лица во Лондон. Станува збор за Судеш Аман, кој неодамна бил пуштен од затвор откако бил осуден за тероризам. Аман бил затворен на 18-годишна возраст во 2018 година за дистрибуирање терористички материјали и за собирање информации корисни за терористички напади. Тој ја признал вината за 13 терористички престапи.
Аман, исто така, споделил видеоснимки со обезглавување со својата девојка, на која ѝ рекол дека треба да ги убие своите неверни родители. Непосредно по нападот, полицијата го уби напаѓачот. Лондонската полиција соопшти дека напаѓачот имал лажна експлозивна направа прикачена на телото.
– Уредот беше залепен на телото на осомничениот поради што беа повикани експерти. Кордони беа распоредени и набргу откривме дека станува збор за лажен уред. Инцидентот беше веднаш пријавен како терористички и се верува дека е поврзан со исламистите – порача Луси Д’Орси од лондонската полиција.
Во меѓувреме, британскиот премиер Борис Џонсон најави построги закони за терористички осуденици.
– Ќе објавиме понатамошни планови за измени во системот по прашање на обвинети за терористички дела – изјави Џонсон.
Британските политичари неколкупати повикаа законите за осомничени поврзани со тероризам да се заострат. Повиците се засилија откако во ноември поранешен затвореник уби две лица и рани уште три, пред полицијата да го застрела во близината на мост во Лондон.