Атентатите со беспилотни летала, како што беше убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, сѐ повеќе се нормализираат со помош на тајноста на властите, владината пропаганда и некритичното медиумско покривање, се наведува во извештајот на групата за притисок „Војна со дронови“.
Во извештајот, како што пренесува „Гардијан“, се заклучува дека Британија и САД во борбата против Исламската држава создале лесен наратив за целни убиства, а во медиумите се појави и британска „листа за убивање“. Крис Кол, директорот на „Војна со дронови“, оценува дека таквиот наратив помогна да се засилат оправдувањата за американското убиство на Сулејмани, генералот од иранската Републиканска гарда што беше ликвидиран на почетокот од месецов.
– Нема сомнежи дека дроновите ја овозможија и нормализираа културата на целни убиства, кои ги еродираат нормите од меѓународното право и го прават светот многу поопасно место. Неодамнешниот напад може да нѐ воведе во насилна нова ера на војни со дронови – предупредува Кол.
Истражувањето, кое е спроведено пред убиството на Сулејмани, ги опфаќа нападите со дронови во периодот 2015-2018 година, вклучувајќи ги и ликвидациите на Британецот Раид Кан, кој беше убиен од британската авијација во септември 2015 година, како и американските напади на Мохамед Емвази и на Сели Џонс. Во истражувањето се наведува дека тогашниот премиер Дејвид Камерон и министрите од неговата влада, како и подоцнежните, се фокусирале на озлогласеноста на поединечни британски членови на ИД за да ги оправдаат нивните акции, истовремено користејќи ја воената тајност за да се избегне поширока политичка дебата.