Специјалните сили на НАТО и партнерите почнаа голема воена вежба во Романија наречена „Вкрстен удар 21“. Во вежбата учествуваат над 1.000 војници со цел зајакнување на заедничкото дејствување во сценарио на хибридна војна.
Според порталот „Балканска безбедносна мрежа$, домаќинот на вежбата, Романија, учествува со повеќе од 800 војници и 100-ина возила, пловни објекти и авиони.
Уште 150 специјалци дојдоа од САД, Грција, Бугарија, Велика Британија, Холандија, Португалија, Молдавија и од Грузија. Вежбата се одржува на седум локации, од кои едната е на море, а најмногу активности има на Карпатите и во централна Романија.
– Оваа вежба продолжува преку меѓународни вежби во Романија, во кои учествуваат специјални сили. Претходните месеци во таа земја и регион се одржуваа вежби во рамките на американската „Бранител на Европа 21“ и вежбата на НАТО – „Силен бранител“ – се наведува во текстот.
Порталот додава дека медиумските извештаи покажуваат оти во вежбите се користи модерно оружје и опрема на специјални единици, џипови „хамер“, транспортни хеликоптери и брзи патролни чамци, како и пушки од постарата генерација.
Сите учесници на себе имаа карактеристична опрема од специјални единици, специјално дизајнирани униформи, нови шлемови, држачи за оклопни плочи, очила, ракавици и оптички, електронски и ласерски нишани.
По успешната вежба, силите што учествуваа на вежбата ќе добијат потврда дека се борбено подготвени за спроведување специјална операција на море, како и дека командните структури се способни за планирање и спроведување специјална операција на НАТО.