Европскиот комесар за економија и финансии, Пјер Московиси изјави дека сѐ уште е можен договор за Брегзит со Обединетото Кралство и дека тоа „останува најверојатната хипотеза“.
Комесарот повтори дека за 90 отсто од преговарачките точки постои согласност помеѓу двете страни, но дека процесот е закочен пред сѐ околу ирското прашање.
Никој не сака повторно воспоставување на физичка граница, царинска граница, помеѓу Северна Ирска која му припаѓа на Обединетото Кралство и Република Ирска, но многу е комплицирано, бидејќи во едниот случај или Северна Ирска останува во Обединетото Кралство и ќе има граница, во другиот случај Северна Ирска останува во царинската унија (на ЕУ, н.з.) и тогаш еден дел на Обединетото Кралство е во царинската унија, а другиот не, а тоа е многу тешко прифатливо за Британците, истакна Московиси.
Преговорите помеѓу Брисел и Лондон за Брегзит се заглавени неколку месеци токму за ирското прашање и сѐ почесто се споменува можноста Обединетото Кралство да ја напушти Европската Унија без претходно да постигне договор со другите земји членки, што е најнепосакуваното сценарио од двете страни.