Вашингтон и неговите најблиски сојузници отворено спроведуваат политика чија цел е соборување на легитимната власт во Каракас, порача шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
– Загрижени сме поради тоа што САД и нејзините најблиски сојузници ѝ прават на Венецуела, кршејќи ги сите можни норми на меѓународното право и отворено водат политика за соборување на легитимната влада на јужноамериканската земја – посочи Лавров.
Според него, опозицијата во Венецуела добива инструкции од Вашингтон да не се согласи на отстапки.
– Според нашите извори, опозициските лидери што прогласија паралелна власт, всушност, добиваат инструкции од Вашингтон да не прифаќаат никакви отстапки, додека власта не се согласи да абдицира на овој или оној начин – додаде Лавров.
Рускиот министер истакна дека Москва ѝ дава поддршка на владата на претседателот Николас Мадуро со почитување на Уставот на Венецуела. Тој додаде и дека одлуката американските компании, кои соработуваат со Венецуела, да бидат изземени од санкциите претставува доказ за намерата на Вашингтон да ја смени Владата во земјата и да извлече профит.