Долниот дом на Конгресот, кој е под контрола на демократите, отвори истрага за импичмент на Трамп поради најновата украинска афера. Демократите бараат одговорност од Трамп, а тој ги обвини дека тргнале во лов на вештерки,
Демократите во Конгресот на САД поведоа официјална истрага за импичмент на претседателот Доналд Трамп во врска со најновата украинска афера. Трамп е обвинет дека извршил притисок врз украинскиот претседател за да му наштети на својот политичкиот ривал во трката за Белата куќа во 2020 година. Ненси Пелоси, претседавачка со Претставничкиот дом на Конгресот на САД од редовите на демократите, објави дека почнува процедура за импичмент против Трамп и порача дека „мора да се бара одговорност од претседателот на САД“. Од друга страна, Трамп ги негираше обвинувањата против него и оцени дека демократите тргнале во „лов на вештерки“.
Пелоси одлучи да поведе процедура за импичмент по тврдењата дека Трамп ги злоупотребил своите претседателски овластувања за да изврши притисок врз украинскиот колега Володимир Зеленски да поведе корупциска истрага против главниот демократски кандидат Џо Бајден и неговиот син Хантер. Во Долниот дом на Конгресот, кој е под контрола на демократите, има силна поддршка за импичмент на Трамп, но мали се шансите процедурата да помине во Горниот дом на Конгресот, Сенатот, кој е под контрола на републиканците. Ако продолжи истрагата, Претставничкиот дом ќе гласа за евентуални обвиненија против Трамп и, имајќи предвид дека демократите имаат мнозинство, тој веројатно би бил третиот претседател во политичката историја на САД што би се соочил со импичмент. Но постапката веројатно ќе заглави во Сенатот, кој е под контрола на републиканците и тие речиси сигурно ќе спречат Трамп да биде отстранет од претседателската функција со двотретинско мнозинство, оценуваат американските медиуми и аналитичари.
Досега во историјата на САД импичмент е изгласан само против двајца претседатели, Ендру Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон во 1998 година. Ричард Никсон поднесе оставка во август 1974 година, пред да може да биде отповикан поради аферата „Вотергејт“, посочува Би-би-си.
Високи демократски функционери, вклучувајќи ја и Пелоси, претходно се спротивставуваа на барањата од партијата да се поведе постапка за импичмент на Трамп. Но партиското раководство овој пат се обедини, откако свиркач од разузнавањето поднел формална жалба за еден или повеќе телефонски разговори меѓу американскиот и украинскиот претседател во јули. Администрацијата на Трамп досега одбиваше да ја достави до Конгресот официјалната поплака од свиркачот. Демократите тврдат дека Трамп се заканил дека ќе блокира воена помош за Украина ако Зеленски не се согласи да спроведе корупциска истрага против неговиот главен политички ривал во трката за Белата куќа во 2020 година, Бајден. Трамп призна дека со Зеленски разговарал за Бајден, но негира дека извршил притисок врз украинскиот претседател.
Пелоси, пак, го обвини Трамп дека ги прекршил законите и Уставот на САД.
– Неделава претседателот призна дека го замолил претседателот на Украина да преземе активности што ќе му бидат од политичка корист. Претседателот мора да понесе одговорност за тоа. Никој не е над законот – порача таа.
Бајден негираше каква било вмешаност во корупција и засега нема докази што би ги потврдиле обвинувањата против него. Тој рече дека ја поддржува постапката за импичмент против Трамп, освен ако тој не соработува со истрагата.
– Импичментот на Трамп би бил трагедија, но тоа е негова трагедија – рече Бајден.
Претседателот на САД, пак, во повеќе твитови ги обвини демократите дека сакале да му го „расипат“ патувањето во Обединетите нации во Њујорк.
– Никогаш не го виделе транскриптот од телефонскиот разговор. Ова е лов на вештерки – порача Трамп, кој вети дека ќе го објави транскриптот и дека тој ќе покажел оти разговорот бил „целосно соодветен“.
На објавата за импичмент веднаш реагираа републиканците. Нивниот лидер во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, изјави дека Пелоси претседава со Долниот дом, но дека таа не зборувала „во името на цела Америка“.
– Не може еднострано да одлучи за истрага за импичмент – нагласи Мекарти.
Во меѓувреме, в.д. директорот на американското национално разузнавање, Џозеф Мегваер, одби да ја достави жалбата на свиркачот до Конгресот и тој денес треба да сведочи пред конгресмените во врска со случајот. Како што пренесува Би-би-си, неименуваниот разузнавач би можел директно да се сретне со конгресмените и Белата куќа наводно веќе соработува за тоа да се случи.
Јавноста е поделена
Анкетите покажуваат дека американската јавност е поделена по прашањето за импичмент на Трамп. Анкета на Југов покажува дека 55 отсто од Американците би поддржале импичмент ако се докаже дека Трамп блокирал воена помош за Украина само за да изврши притисок за истрага против Бајден. Друга анкета, спроведена од универзитетот „Монмаут“ пред украинската афера, пак, покажува дека само 35 отсто од Американците се за импичмент на Трамп.
Зошто баш сега
Досега имаше повеќе повици за поведување постапка за импичмент против Трамп за време на повеќегодишната истрага за руската афера, но овој пат демократите отидоа подалеку и почнаа формална процедура.
Прашањето е што се смени? Една можна причина е што украинската афера одеднаш и на голема врата влезе во американската политика пред изборите во 2020 година, за разлика од руската афера, која се влечеше со години. Друга причина е што руската афера се однесуваше на минатиот изборен циклус кога многу сегашни конгресмени не беа во законодавниот дом на САД. Украинската афера, од друга страна, се однесува на наводни сегашни обиди на Трамп да влијае преку странски лидер на идниот изборен процес во САД.
Следните чекори се неизвесни. Анкетите покажуваат оти целиот процес би можел да им наштети и на двете партии и уште повеќе да ја еродира политичката волја кај Американците. Но можна е и долга политичка битка за Белата куќа, која ќе се води во сенка на голема уставна криза во САД.
Историски и правни искуства
Правни експерти посочуваат дека претседателите на САД не можат да бидат кривично гонети додека ја извршуваат функцијата и дека единствениот начин за отстранување од функцијата е преку импичмент.
Според Уставот на САД, претседателот може да биде разрешен од функцијата со импичмент ако се докаже одговорност за предавство, поткуп или други тешки кривични дела. Процесот треба да го почне Претставничкиот дом и за него е потребно просто мнозинство. Процедурата потоа се сели во Сенатот, каде што е потребно двотретинско мнозинство за отстранување на претседателот од функцијата и тој праг никогаш не е достигнат во историјата на САД.
Закани имало во повеќе наврати, но импичмент досега им е изгласан само на двајца претседатели на САД. Бил Клинтон беше 42-от и последен претседател на САД кому му е изгласан импичмент поради лажно сведочење пред голема порота и попречување на правдата откако лажеше за односите со Моника Левински. Долниот дом гласаше со 228 наспроти 206 гласа за импичмент на Клинтон за првото обвинение и со 221 наспроти 212 гласа за второто обвинение.
Кога импичментот стигна до Сенатот, процедурата за отстранување на Клинтон од претседателската функцијата не го доби потребното двотретинско мнозинство. За време на процедурата за импичмент, Клинтон уживаше популарност од високи 72 отсто. Единствениот друг претседател на САД кому му е изгласан импичмент е Џонсон. Долниот дом на Конгресот му изгласа импичмент во 1868 година, само 11 дена откако го смени Едвин Стентон од функцијата секретар за војна бидејќи не се согласувал со неговите политики. Американските медиуми сега прават паралели меѓу смената на Стентон со смената на Џејмс Коми од функцијата директор на ФБИ зашто не се согласуваше со политиките на Трамп. За разлика од Клинтон, Џонсон едвај ја преживеа процедурата, која не го достигна двотретинското мнозинство за само еден глас, благодарение на републиканците. Републиканците денес го контролираат Сенатот, па затоа се мали шансите Трамп да биде отстранет од претседателската функција, освен ако не се свртат против него. Повеќето републиканци засега му се лојални на Трамп, освен неколку значајни исклучоци, како Мит Ромни, кој побара транспарентност.