Британската премиерка е фрустрирана од фактот дека парламентот во изминатите недели не донесе одлука и не го прифати нејзиниот договор со Брисел, истакнуваат извори од британската влада

Британската премиерка Тереза Меј побара од членките на Европската Унија да дозволат кратко одложување на брегзит. Во писмото, кое вчера го испрати до членките на ЕУ, Меј ги образложи причините за одложувањето на брегзит. Од британската влада истакнуваат дека премиерката е фрустрирана од фактот дека парламентот во изминатите недели не донесе одлука и не го прифати нејзиниот договор со Брисел. Главниот преговарач на Унијата за брегзит, Мишел Барние, претходно порача дека ЕУ нема да дозволи одложување на брегзит без конкретен план на Британија за тоа што ќе направи понатаму. Според постојниот закон, Британија ќе ја напушти ЕУ за осум дена со или без договор. Секое одложување на британското излегување од Унијата мора едногласно да го потврдат сите членки на ЕУ, поради што Меј денес треба да пристигне во Брисел.

Британските пратеници двапати го отфрлија договорот на Меј за брегзит. Тие исто така на минатонеделното гласање ја отфрлија можноста за брегзит без договор и побараа да се продолжи рокот за напуштање на ЕУ. Шефицата на британската влада се надеваше дека во третиот обид би можела да ги убеди пратениците да го поддржат нејзиниот план. Сепак, претседателот на парламентот Џон Беркоу ја отфрли таа можност, со образложение дека договорот мора да се промени за да може по трет пат да се гласа за планот.

– Јасно е дека е потребно на парламентот да му се даде уште малку време за да постигнат напредок, но граѓаните на оваа земја чекаат веќе три години. Доста им се неуспешни гласања, а премиерката ги споделува нивните фрустрации – порачуваат од Даунинг стрит.

Најчесто споменуван нов рок за брегзит досега беше 30 јуни. Ако се усвои предлогот за одложување, Меј најверојатно ќе се обиде по третпат да го изнесе својот план на гласање во парламентот. Таа ќе ги продолжи разговорите и со пратениците од ДУП, како и со своите ториевци, кои гласаа против нејзиниот план.

Од друга страна, лидерот на лабуристите Џереми Корбин изјави дека разговарал и со ториевците и со членовите на својата партија за „норвешкиот“ модел за идните односи со ЕУ. Тоа би подразбирало поблиски односи отколку што предвидува планот на премиерката Меј.

– Норвешкиот модел е интересен предлог, но во моментот нема целосна поддршка – порача Корбин. 


Јункер не очекува неделава да има решение за брегзит

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера изјави дека е малку веројатно оти би можело да биде најдено решение за брегзит за време на самитот на Европската Унија, кој денеска и утре ќе се одржи во Брисел. Јункер нагласи дека сега на потег е Лондон, кој мора да ги претстави своите планови за истапување од Унијата, додавајќи дека рацете на другите земји-членки на ЕУ се врзани сѐ додека Британците не ги решат своите внатрешни проблеми.
– Додека не дознаеме на што може да се согласи Британија, не можеме да донесеме никакво решение – порача Јункер.


Франција подготвена да стави вето

Франција е подготвена да стави вето на барањето на Британија за одложување на брегзит доколку Лондон не понуди ништо како алтернатива или со тоа се загрозуваат институциите на Европската Унија, соопштија од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
– Тоа е можно сценарио, ако не се исполнат условите за одложување брегзит – истакна францускиот претставник.
Според него, Франција ќе го разгледува барањето на Британија за одложување на брегзит според два критериума – дали постои кредибилен британски план или стратегија што може да ја добие поддршката на мнозинството во британскиот парламент и какви последици ќе има тоа по функционирањето на институциите на ЕУ.