Со комплексна полициска операција спроведена во САД, Бугарија, Германија, Грузија, Молдавија и Украина, разбиена е меѓународна криминална организација која користела малициозен софтвер за да украде околу 100 милиони долари од повеќе од 40 илјади луѓе, пренесува Би-би-си.
Жртвите всушност сметале дека кликаат на едноставен линк, а тие со тој клик на кибер-криминалците им давале пристап до своите најинтимни информации.
Организацијата во компјутерите на жртвите го поставувала малициозниот софтер кој собирал информации за онлајн-банкарство и лозинки за достапност до банкарски сметки. Членовите на криминалното дружение се собрале на онлајн-форуми, каде го споделувале своето знаење за кибер-криминал.
Деталите од операцијата се откриени во седиштето на Европол во Хаг, каде е обелоденето дека станува збор за операција без преседан, особено поради фактот што во неа учествувале и соработувале полициски служби од повеќе различни земји.
Десет членови од криминалната мрежа се обвинети во Питсбург, САД, под повеќе различни обвиненија, вклучувајќи кражба и перење на пари преку користење на американски и странски банкарски сметки.
Дополнително, пет Руси остануваат во бегство, вклучувајќи и еден кој го развил овој малициозен софтвер и го надлегдувал неговото унапредување и менаџирање, заедно со негово издавање на други кибер-криминалци.
Другите членови сега чекаат обвиненија во различни земји, и тоа лидерот на мрежата, заедно со неговиот технички асистент во Грузија, уште еден член чија улога била да презема различни банкарски сметки, е екстрадиран од Бугарија во САД за да излезе пред суд, а останатите кибер-криминалци ќе се соочат со правдата и во Молдавија и во Германија.
Меѓу жртвите на криминалната мрежа се повеќе помали бизниси, адвокатски канцеларии, меѓународни корпорации и непрофитни организации.