Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека прашањето за справување со миграцијата кон и во рамките на Европската унија може да го одреди опстанокот на ЕУ.
Во говор пред пратениците во Бундестагот, Меркел рече дека „ЕУ се надева оти ќе им понуди на своите граѓани единствен став за миграцијата, кој ќе биде надежен и реалистичен во правен план“.
– Треба да се воспостави режим за секој вид миграција, така што луѓето ќе знаат дека законот и редот се почитуваат – рече Меркел.
Таа истакна дека Германија ќе ги исполни своите обврски за зголемување на трошоците за одбрана и ќе остане сигурен партнер на НАТО.
Германската канцеларка, исто така, обрна внимание и на заканите на САД за воведување царински давачки за увоз на странски автомобили и предупреди дека постои ризик од трговска војна ако САД ја остварат оваа закана.